Донбас станува „Дониленд“?; Зеленски: „Само да не биде Путинленд“
Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека е клучно Донецката и Луганската област да останат во состав на Украина, коментирајќи медиумски наводи за предлог дел од Донбас да се преименува во „Дониленд“ во чест на американскиот лидер Доналд Трамп.Коментарот следуваше откако „Њујорк тајмс“ објави дека украински претставници за време на неодамнешните мировни преговори изнеле идеја за преименување на дел од регионот со цел да го придобијат Трамп и да го поттикнат на поостар став кон руските територијални претензии, пишува „Киев индипендент“.„Најважно е Донецката и Луганската област да останат дел од Украина, само да не биде Путинленд. Тоа е најважно“, изјави Зеленски пред новинарите, алудирајќи на рускиот претседател Владимир Путин.Според „Њујорк тајмс“, идејата за преименување била изнесена делумно на шега, но и како дипломатски гест. Предложеното име „Дониленд“, кованица од Донецк, Доналд и Дизниленд, би се однесувало на околу 5.000 квадратни километри во северозападниот дел од Донецката област.Зеленски нагласи дека во преговорите користи исклучиво термини како Донецка област, Луганска област, Донбас и територија на Украина, без други називи.Иако деталите од планот не се јасни, наводно било предложено комитет за мир поврзан со Трамп да учествува во управувањето со тој дел, но идејата не е дел од официјални документи.Преговорите со посредство на САД во последните месеци се фокусирани на иднината на Донбас – регион во источна Украина што ги опфаќа делумно окупираните Донецка и Луганска област. Клучното прашање е територијалната контрола, додека Москва врши притисок Украина да се повлече од преостанатите територии.Трамп, кој за време на кампањата ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа, повеќе од една година се обидува да постигне договор преку преговори, што предизвикува фрустрации во Киев.По средбата на Трамп и Путин на Алјаска во август 2025 година, американската администрација сигнализираше подготвеност за можен договор што би вклучувал повлекување на Украина од Донецката област.Русија во меѓувреме го промовира т.н. „Договор од Енкориџ“, според кој Донбас би бил предаден на нив.Украина сè уште контролира околу една четвртина од Донецката област и одбива повлекување, предлагајќи прекин на огнот долж постојните линии на фронтот.
Свет | пред 6 часа