Американскиот претседател Доналд Трамп им дал краток рок од три до пет дена на иранските власти да се усогласат и да излезат со конкретен одговор за мировен договор, во спротивно, продолженото примирје ќе биде прекинато, пренесуваат американски медиуми повикувајќи се на извори од администрацијата.
Според истите извори, во Вашингтон владее уверување дека внатрешните поделби во Техеран се главната пречка за договор. Воените структури, предводени од Револуционерната гарда, се во судир со цивилните преговарачи, додека врховниот лидер речиси воопшто не комуницира со јавноста.
Тензиите дополнително ескалирале по првата рунда разговори во Исламабад, кога военото раководство отфрлило дел од договореното од дипломатите, особено околу отворањето на Ормутскиот теснец.
Во меѓувреме, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс чекал со часови на писта за лет кон Пакистан, но патувањето било откажано поради отсуство на согласност од иранска страна за нова рунда разговори.
Иако во Белата куќа се разгледувале и опции за нови напади врз иранската инфраструктура, Трамп на крајот одлучил да ѝ даде уште шанса на дипломатијата. Според негови соработници, тој смета дека воено веќе го постигнал максимумот и сака да го заврши конфликтот.
„Претседателот донесе цврста одлука да ја заврши војната, но нема да се откаже од притисокот“, велат извори блиски до администрацијата.
Како клучен адут останува поморската блокада, за која Трамп тврди дека го довела Иран во сериозна финансиска криза. Според него, Техеран губи стотици милиони долари дневно и е под силен притисок да постигне договор.
Сепак, во Вашингтон предупредуваат дека доколку во наредните денови не се постигне напредок, воената опција повторно ќе се врати на маса.