Германското Министерство за надворешни работи упати нота до рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечаев, поради, како што е наведено, директни закани од Русија кон цели во Германија. Берлин порача дека таквиот притисок е неприфатлив и дека нема да се заплаши.
Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека руските закани се обид да се ослаби поддршката за Украина и да се тестира единството на Западот, нагласувајќи дека Германија нема да попушти пред притисоците, пишува „Шпигел“.
Во соопштението објавено на социјалните мрежи се наведува дека ваквите закани, како и сите форми на шпионски активности во Германија, се „целосно неприфатливи“.
Министерството не навело конкретен повод за повикувањето на амбасадорот, но според германскиот весник, потегот е поврзан со минатонеделното соопштение на руското Министерство за одбрана, во кое се упатуваат закани кон европски компании поврзани со Украина.
Руското Министерство за одбрана претходно соопштило дека Украина, заедно со европските партнери, планира да го прошири производството на дронови, оценувајќи дека тоа води кон ескалација на воено-политичката ситуација во Европа.