Сведокот на обвинителството, Теа Ѓорѓиева, денеска пред судот даде потресно сведоштво за кобната ноќ кога избувнал пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Според Ѓорѓиева откри дека пиротехничките средства не биле поставени од самиот почеток, туку дополнително, додека посетителите веќе биле внатре.
„Јас снимав со телефонот и не го видов, после една минута забележав дека гори. Почетокот на пожарот е снимен на моето видео. Нормално, сите снимавме видеа во тие моменти… Бендот почна да пее, видовме дека почна да гори, но никој не го сфати сериозно тоа“, сведочеше Ѓорѓиева.
Таа појасни дека огнот тргнал од горниот дел на објектот, од искрите на пиротехниката.
„Сфатив дека се заглавувам во гужвата… Следниот момент се сеќавам дека бев меѓу излезната и влезната врата. Знам дека бев заглавена, бев легната на земја и беспомошна. Во тој момент се обраќав за помош“, раскажа сведокот.
Ѓорѓиева посочи дека почувствувала чуден, кисел мирис, а зад себе слушала звуци налик на експлозии. Oд толпата ја извлекол член на обезбедувањето по име Стојанчо.
Во вкрстеното испрашување, одбраната на обвинетите Дејан и Михаил Јованов се фокусираше на прашањето кој ја поставил пиротехниката. На прашањето дали таа се согласува дека обвинетите не ја поставиле пиротехниката, сведокот одговори потврдно, но не можеше да потврди кој точно го сторил тоа.
На дополнително прашање дали доколку посетителите навреме ја сфателе сериозноста немало да настане толкава гужва и стампедо, сведокот кусо одговори:
„Не знам“.