Жители на Водно испратија јавна реакција до институциите, предупредувајќи на сериозни безбедносни ризици за децата кои секојдневно се движат кон училиштата „Кочо Рацин“ и „Киро Глигоров“.
Според нив, улицата „Питу Гули“ е небезбедна за пешаци, особено за учениците, поради недостиг на функционални тротоари и честите сообраќајни несреќи.
„Децата не можат да стигнат до училиште без да го ризикуваат животот. Тротоарите ги нема, а таму каде што постојат се блокирани од нелегално паркирани возила, контејнери, градежни огради и друга инфраструктура“, наведуваат жителите.
Тие посочуваат дека улицата станала алтернативна рута за возачи кои го избегнуваат метежот и сообраќајниот надзор, што дополнително ја зголемува брзината и ја намалува безбедноста.
„Населбата е претворена во обиколница. Возилата се движат со голема брзина, а пешаците, меѓу кои и деца, се принудени да се движат по коловозот“, стои во дописот.
Жителите поставуваат директни прашања до Министерството за внатрешни работи, Град Скопје и Општина Центар, барајќи објаснување зошто не се преземаат мерки за ослободување на тротоарите и зошто не се спроведуваат сообраќајни решенија.
„Зошто нелегалното паркирање е поважно од животот на децата? Зошто не се постапува по закон? Зошто се одбива сообраќајното решение за Водно?“ прашуваат тие.
Како итни мерки, бараат расчистување на тротоарите, поставување столбови за нивна заштита, обележување пешачки премини, поставување лежечки полицајци и воведување еднострано зонско паркирање.
Жителите најавуваат дека доколку во рок од седум дена не добијат конкретен план и не започне реализација на мерките, ќе ја блокираат улицата „Питу Гули“.
„Овојпат не чекаме. Ако се случи трагедија – одговорноста ќе биде јасна и јавна“, предупредуваат тие.