Металниот отпад не го губи својот квалитет и може да се рециклира бескрајно, поради што неговото правилно селектирање има значајна улога во намалувањето на загадувањето и заштитата на животната средина, информираат од ЈП „Охридски комуналец“.
Од претпријатието посочуваат дека користењето рециклирано железо придонесува за намалување на аерозагадувањето за дури 86 проценти, загадувањето на водата за 76 проценти, како и за намалување на употребата на вода за 40 проценти на глобално ниво. Селекцијата на металниот отпад, како што нагласуваат, значително го намалува и испуштањето на штетни материи во природата.
Воедно, од „Охридски комуналец“ предупредуваат дека неселектираните лименки, конзерви и други метални елементи кои завршуваат на депонијата Буково често претставуваат зголемен ризик од пожари, најчесто предизвикани од човечки фактор при нелегално собирање метален отпад.
Граѓаните на Охрид металниот отпад можат да го одложуваат во жолтите канти каде што е започната селекцијата, како и во жолтите контејнери поставени од „Пакомак“. Како и кај другите рециклирачки материјали, особено е важно металните конзерви и лименки да бидат чисти пред одложување.
Од јавното претпријатие порачуваат дека отпадот е прашање кое ги засега сите и упатуваат апел за одговорно однесување и правилна селекција, со цел почист и побезбеден Охрид.