На денешната прес-конференција, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека партијата ќе пристапи кон филибастер во Комисијата за економија со цел да ја одложи постапката и да ја информира јавноста за, како што оцени, штетните предлог-закони за концесии, јавно-приватно партнерство и минерални суровини.
Според соопштението, Крмов истакнал дека со предложените измени се отвора можност приватни компании да иницираат јавно-приватни партнерства и потоа да учествуваат во постапките за нивна реализација, што, како што навел, може да создаде простор за однапред договорени зделки.
Тој посочил и дека измените во Законот за минерални суровини би овозможиле концесионери да добиваат дозволи за експлоатација и во случаи кога имотно-правните односи не се целосно решени, преку започнување постапки за експропријација, стои во соопштението.
Во соопштението се наведува дека Крмов оценил оти ваквите решенија можат да се однесуваат и на веќе започнати постапки, при што посочил дека Левица ќе ги користи сите правни механизми, вклучително и обраќање до Уставниот суд, за нивно оспорување.