„Луфтханза“ укинува 20.000 летови поради скапото гориво, до Европа стигна аларм дека може да остане само со резерви
Германскиот авио-превозник „Луфтханза“ најави дека ќе укине околу 20.000 летови на кратки релации во текот на летната сезона, како дел од мерките за намалување на трошоците поради наглиот раст на цените на авионското гориво.Од компанијата информираат дека дел од откажувањата се резултат на гасење на неисплатливата флота на „Ситилајн“, од каде се повлекуваат 27 авиони, но и на тековните работни спорови со вработените.Одлуката доаѓа во услови на глобална енергетска нестабилност, откако снабдувањето со нафта од Блискиот Исток е сериозно нарушено поради блокадата на Ормутскиот теснец. Ова веќе се рефлектира и врз цените на авионските билети, кои почнуваат значително да растат.Дополнително предупредување стигна и од Меѓународната агенција за енергија, од каде посочија дека Европа може да остане со резерви на авионско гориво за само шест недели, што ја засилува неизвесноста во секторот.„Луфтханза“ наведува дека со намалувањето на летовите до октомври ќе заштеди околу 40.000 тони гориво. И покрај тоа, од компанијата тврдат дека кратењата претставуваат околу еден процент од вкупниот капацитет и дека патниците ќе имаат пристап до глобалната мрежа, особено за долги релации.Паралелно со кратењата, се спроведува и реорганизација на европската мрежа – се укинуваат нерентабилни линии од Франкфурт и Минхен, додека се зајакнуваат летовите од Цирих, Брисел и Виена.Во рамки на реструктуирањето, компанијата најави и постепено повлекување на дел од флотата за долги релации. Два авиони „Боинг 747“ ќе бидат приземјени за зимската сезона 2026/2027, а четири „Ербас А340-600“ целосно ќе бидат повлечени од употреба до октомври годинава.Овој потег се смета за јасен сигнал дека кризата со горивото веќе има директни последици врз авио-индустријата, со ефекти што ќе ги почувствуваат и патниците низ Европа и пошироко.
Свет | пред 18 часа