Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ГРЕНЛАНД

media-libraryhh36fs92k6hgfJs9IBw

(Видео) Трамп: Данците стигнале со брод на Гренланд пред 500 години, но тоа не значи дека е нивни

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика реакции со изјава поврзана со Гренланд, оценувајќи дека историското „откритие“ на некој простор не значи автоматски и право на сопственост врз него. Во видео кое вчера се прошири на социјалните мрежи, Трамп посочи дека иако има позитивен став кон Данците, не го прифаќа историскиот аргумент за нивното право врз островот.„Знаете, тие беа многу љубезни кон мене. Јас сум нивен голем фан, но фактот што некој пристигнал таму со брод пред 500 години не значи дека ја поседува таа земја“, изјави Трамп во разговор со новинар, алудирајќи на историските врски меѓу Данска и Гренланд.Изјавата доаѓа во контекст на неговите претходни коментари и интерес за Гренланд, автономна територија во состав на Кралството Данска, која има значајна стратешка позиција и богати природни ресурси. Со ваквите ставови, Трамп повторно ја отвори дебатата за тоа како низ историјата се толкувале поимите „откритие“, суверенитет и право на територија.Многумина ја повлекоа паралелата со историјата на американскиот континент, кој за Европејците бил „откриен“ во 1492 година со пристигнувањето на Кристофор Колумбо, иако веќе бил населен со милиони домородни жители. Подоцнежната колонизација и создавањето на Соединетите Американски Држави како независна држава во 18 век покажуваат дека историското присуство и правото на сопственост не се секогаш едноставни и недвосмислени категории.Поради тоа, изјавите на Трамп за Гренланд дел од јавноста ги доживува како провокативни и како поедноставување на сложени историски процеси, но и како продолжение на неговиот препознатлив политички стил, со кој често ги доведува во прашање воспоставените меѓународни норми и традиционалните историски интерпретации.

Свет | пред 2 месеци

grenlan

Гренландските партии обединети против Трамп: Не сакаме ни Америка ни Данска, сакаме Гренланд

Сите водечки политички партии во Гренланд во петокот испратија заедничка и недвосмислена порака како одговор на повторените претензии на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање контрола врз големиот арктички остров. Во заедничка изјава, потпишана од пет партии застапени во гренландскиот парламент Инатсисартут, се нагласува дека иднината на Гренланд може и мора да биде одлучена исклучиво од гренландскиот народ.„Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци, сакаме да бидеме Гренланѓани“, се наведува во пораката со која партиите јавно ги отфрлаат амбициите на Вашингтон. Во изјавата тие ги повикаа Соединетите Американски Држави да престанат со, како што го нарекоа, односот на потценување кон нивната земја и јасно порачаа дека каква било одлука за политичкиот статус на островот не може да се носи надвор од Гренланд.Реакцијата следува откако Доналд Трамп повторно ги засили изјавите дека САД мора да дејствуваат во врска со Гренланд, тврдејќи дека во спротивно островот би можел да падне под влијание на Русија или Кина. На настан во Белата куќа, Трамп изјави дека Вашингтон „ќе направи нешто во врска со Гренланд, сакале тоа другите или не“, додавајќи дека неговата администрација би претпочитала договор „по полесен пат“, но не ја исклучи можноста за поостар пристап.Американскиот претседател и во минатото јавно изразуваше желба Гренланд, кој формално е дел од Кралството Данска и сојузник во НАТО, да дојде под контрола на САД, повикувајќи се на неговата стратешка важност и на, како што тврди, зголеменото присуство на руски и кинески бродови во арктичкиот регион. Овие изјави предизвикаа сериозна загриженост во Европа, особено затоа што Трамп не ја исклучи употребата на воен или економски притисок.Данската влада остро ги отфрли американските тврдења. Премиерката Мете Фредериксен предупреди дека евентуален американски напад или присила врз Гренланд би значеле крај на НАТО и на безбедносниот поредок воспоставен по Втората светска војна. Гренланд, кој е претежно покриен со мраз и има околу 57.000 жители, повторно се најде во фокусот на големите геополитички интереси, но овој пат со јасен и редок политички консензус внатре во самата земја.

Свет | пред 2 месеци

media-library6p21p0pmug1rckUQz1R

Зошто идејата на Трамп за купување на Гренланд е една голема фантазија?

Кога американскиот претседател Доналд Трамп зборува за можноста САД да го купат Гренланд, многумина тоа го доживуваат како уште една провокација или политичка шега што брзо ќе биде заборавена. Но, според професорот Орелиен Колсон, во авторски текст за „Еуроњуз“, ваквиот пристап е погрешен, бидејќи иако идејата е правно, политички и стратешки неостварлива, таа открива подлабоки промени во начинот на кој денес се сфаќаат моќта, суверенитетот и глобалниот поредок.Трамп првпат ја изнесе идејата за „купување“ на Гренланд во 2019 година, а неодамна повторно ја актуелизираше, наводно поставувајќи и рок од 20 дена. Секојпат одговорот беше јасен и недвосмислен – Гренланд не е на продажба, а Данска не планира да го отуѓи. Сепак, темата упорно се враќа во јавноста.Историските примери на купување територии, како Алјаска од Русија во 1867 година или Данските Западноиндиски Острови во 1917 година, често се користат како аргумент од страна на Трамп и неговите поддржувачи. Но, тие договори биле склучени во сосема поинаков свет – пред Втората светска војна, пред Повелбата на Обединетите нации и пред правото на народите на самоопределување да стане темел на меѓународното право.Денес, Гренланд не е колонијален посед, туку самоуправна територија со сопствен парламент и влада, а Гренланѓаните имаат признато право на независност доколку така одлучат. Секој обид за „продажба“ би значел директно кршење на меѓународното право и демократската волја на населението.Идејата е проблематична и од политички аспект. Данска е стабилна демократија, сојузник во НАТО и близок партнер на САД. Помислата Вашингтон да купува територија од Копенхаген потсетува на политики од 19. век и би предизвикала сериозни тензии во рамките на Алијансата.Иако Гренланд има големо стратешко значење поради Арктикот, природните ресурси и безбедносните прашања, САД веќе имаат значително воено и стратешко присуство таму преку соработка со Данска. Формалното „сопствеништво“ би донело малку реална корист, а огромни политички трошоци.Според Колсон, упорноста на оваа идеја произлегува од трансакцискиот поглед кон меѓународните односи, каде моќта се мери преку сопственост и контрола, а дипломатијата се заменува со јазикот на бизнисот. Во тој контекст, Гренланд не е реален политички предлог, туку симбол на пошироката ерозија на повоениот меѓународен поредок.Гренланд, заклучува авторот, не е на продажба. Но, самото појавување на вакви идеи е потсетник дека правилата на глобалната политика се сè почесто тестираат – а игнорирањето на тој факт може да биде најскапата грешка.

Свет | пред 2 месеци

media-library6p21p0pmug1rckUQz1R

Трамп нуди по еден милион долари за секој жител на Гренланд? Би потрошил вкупно 58 милијарди долари

Додека од Белата куќа пристигнуваат информации дека американскиот претседател Доналд Трамп сериозно ја разгледува можноста за купување на Гренланд, данските медиуми паралелно пренесуваат изјави на официјални лица дека данската територија не е на продажба, како и шпекулации за евентуалната цена на најголемиот остров во светот.Аналитичари на холандската финансиска група Рабобанк излегоа со аргументирана проценка дека САД би можеле да понудат околу 50 милијарди долари за Гренланд, односно приближно еден милион долари за секој од околу 50.000 жители на островот, пренесува данскиот портал БТ.„Иако директно американско воено преземање изгледа малку веројатно, дипломатските маневри се сосема друга работа. Пристапот на Трамп често се опишува како ‘премногу стап, премалку морков’. Во случајот со Гренланд, можно е да видиме повеќе морков“, се наведува во анализата на Рабобанк.Иако речиси никој од коментаторите не смета дека ваква трансакција е реална, мнозинството оценува дека ваквата понуда тешко би оставила некого рамнодушен. Дополнително, данскиот устав и законите предвидуваат можност за осамостојување на Гренланд.Порталот БТ пренесува и изјава на данскиот претприемач Мартин Торборг, кој смета дека доколку Гренланѓаните добијат навистина добра понуда за прифаќање американски пасоши, би било разбирливо да ја прифатат. Според него, Данска не треба да ги спречува во таква одлука.Спротивно на тоа, можноста за продажба решително ја отфрли градоначалничката на Нуук, Аваарак Олсен, во изјава за Си-Би-Ес њус. Таа рече дека Гренланѓаните имаат чувство дека не се третираат како народ што живее во својата земја, туку како предмет за продажба, што го смета за навредливо.„Нашиот свет не е ист откако пред една година слетаа првите авиони на Трамп“, додаде Олсен, алудирајќи на посетата на синот на американскиот претседател на Гренланд во јануари 2025 година. Таа нагласи дека сите американски понуди биле одбиени уште во пролетта минатата година.Сепак, се чини дека американскиот притисок и заканите со анексија предизвикале раздор меѓу гренландските и данските политички лидери. На состанокот на Комитетот за надворешна политика на данскиот и гренландскиот парламент, одржан во вторникот, бил изнесен предлог за воспоставување директен дијалог меѓу Нуук и Вашингтон, без учество на Данска.Таков чекор би бил спротивен на данскиот устав, според кој надворешната политика за целото кралство ја води данската влада. Тоа значи дека гренландската министерка за надворешни работи не може да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио без присуство на данскиот министер за надворешни работи.Предлогот, наводно, доаѓа од редовите на гренландската опозиција која се залага за независност, но дневниот весник Јиландс-Постен пишува дека данските лидери биле изненадени од поддршката што ја добил и од дел од пратениците на владејачката коалиција.Претседателката на Комитетот за надворешна политика и безбедност на гренландскиот парламент, Пипалук Линге, за данската јавна радиотелевизија изјави дека Гренланѓаните се возрасни луѓе, имаат парламент и министри кои можат самостојно да зборуваат во нивно име, без постојано посредување од Данска.Според Јиландс-Постен, атмосферата на состанокот била исклучително лоша, со обвинувања од гренландска страна дека данските власти им ускратуваат важни информации. Состанокот бил одржан онлајн и требало да трае еден час, но поради ескалација на расправијата, данските пратеници еден по еден го напуштале разговорот.Гренландската министерка за надворешни работи Вивијан Моцфелд изјави дека веќе воспоставила директна линија за комуникација со САД. За гренландскиот весник Sermitsiaq таа рече дека Гренланд и САД меѓусебно си се потребни кога станува збор за безбедноста на Арктикот и оцени дека агресивната реторика не придонесува за односите, изразувајќи надеж дека најавениот состанок следната недела ќе доведе до нивна нормализација.Во меѓувреме, данската влада е изложена на критики од опозицијата, која смета дека премиерката Мете Фредериксен требало да заземе поцврст став кон претензиите на Трамп. Лидерот на десничарската Данска народна партија, Мортен Месершмит, изјави дека нема причина воопшто да се одржи најавениот состанок меѓу данскиот и американскиот министер за надворешни работи.Според него, со луѓе кои се закануваат не се преговара, туку нивните барања јасно и недвосмислено се одбиваат, повлекувајќи паралела со хипотетичка ситуација во која Русија би побарала да го преземе данскиот остров Борнхолм.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryn1m9e81qf70jfkAb9QI

Трамп го сака Гренланд по секоја цена: Наредните две-три недели се клучни за арктичкиот остров

Следните 20 дена ќе бидат клучни за иднината на Гренланд, откако е најавен состанок меѓу високи претставници на Соединетите Американски Држави и премиерите на Данска и на Гренланд, во услови на зголемени геополитички тензии околу стратешкиот арктички остров.Во фокусот на разговорите ќе бидат ретките минерали и енергетските ресурси, кои се од особено значење за Вашингтон. Американскиот претседател Доналд Трамп отворено ја истакнува стратешката важност на Гренланд, предупредувајќи дека островот е изложен на сè поголемо кинеско и руско влијание.Трамп повторно ја оживеа идејата за купување на Гренланд, тврдејќи дека тоа е прашање на национална безбедност за САД. Данска, која има суверенитет над островот, категорично ја отфрла можноста за продажба, истакнувајќи дека Гренланд не е предмет на трговија.Иако американскиот претседател не ја исклучува ниту можноста за воена операција, ваквата реторика предизвика вознемиреност меѓу европските сојузници. Во обид да ги смири тензиите, државниот секретар на САД Марко Рубио изјави дека Вашингтон нема намера да интервенира воено и дека САД бараат дипломатско и економско решение.Претстојните разговори се оценуваат како тест за односите меѓу Соединетите Американски Држави и Данска, но и за идната улога на Гренланд во новата геополитичка распределба на моќта на Арктикот.

Свет | пред 2 месеци

grenland

Како Европа може да му се спротивстави на Трамп околу Гренланд

Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд во европските престолнини веќе не се доживуваат како обична политичка реторика, туку како реална и сериозна можност. Политичките елити, кои до неодамна ги игнорираа засилените изјави од Вашингтон, сега интензивно бараат начин како да се спречи вакво сценарио, објави Политико.„Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација“Според дипломатски извори од Европската Унија, ситуацијата е оценета како алармантна.„Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација со Трамп. Тој е агресивен и Европа мора да биде подготвена“, изјавил еден европски дипломат запознаен со разговорите.Тензиите дополнително се зголемија откако американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека наредната недела ќе разговара со дански претставници за можноста САД да го преземат Гренланд. Од Белата куќа беше порачано дека преферираат преговори, но дека воена опција не е целосно исклучена.Како одговор, европските дипломатски активности значително се засилија. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро потврди дека со колегите од Германија и Полска разговарал за заеднички европски одговор. „Прашањето е како Европа, односно ЕУ, да се зајакне за да ги одврати заканите кон својата безбедност и интереси. Гренланд не е на продажба и не е за преземање“, изјави Баро.Четири опции што ги разгледува ЕвропаСпоред анализата на Политико, меѓу европските политичари и дипломати доминира чувство на немоќ, но на маса се ставени четири можни сценарија.1. Потрага по компромисТрамп ги оправдува своите барања со „витални безбедносни интереси“ на САД и тврди дека Данска не прави доволно за заштита на Гренланд од руско и кинеско влијание на Арктикот. Едно преговарачко решение, кое би му овозможило на Трамп политичка победа, а на Данска и Гренланд зачувување на достоинството, се смета за најбрз излез од кризата. Се разгледуваат идеи за зголемени воени вежби, повисоки трошоци за одбрана и дури формирање „стража“.2. Финансиска поддршка за ГренландАдминистрацијата на Трамп отворено го поддржува движењето за независност на Гренланд, со идеја островот подоцна да склучи договор со САД. Како контра, ЕУ и Данска подготвуваат финансиски пакет. Според нацрт-предлог на Европската комисија, европските средства за Гренланд од 2028 година би се зголемиле на околу 530 милиони евра, со дополнителни фондови за развој на инфраструктура и рударство, со цел Гренланѓаните да се одвратат од американската понуда.3. Економски против-ударЕУ располага со т.н. Инструмент против присила – механизам за возвратни трговски мерки. Со оглед дека Унијата извезува над 600 милијарди евра годишно во САД, а кај дел од производите има доминантен пазарен удел, Брисел би можел да изврши сериозен економски притисок. Сепак, останува дилемата дали Трамп би го сфатил тоа како реална закана.4. Воено присуствоАко САД се решат за воена акција, европските опции се најограничени. Според трајната наредба на Данска од 1952 година, во случај на напад врз данска територија, армијата мора веднаш да одговори. Некои дипломати предлагаат европски сили, на барање на Данска, да бидат распоредени на Гренланд како средство за одвраќање, иако е јасно дека таков потег носи сериозен ризик и потенцијални човечки жртви.Како што заклучува Политико, Европа се соочува со преседан без јасен историски пример – сценарио во кое мора да ја брани сопствената безбедност и суверенитет од својот најмоќен сојузник.

Свет | пред 2 месеци

media-library6p21p0pmug1rckUQz1R

Данска потврдува: Во случај на американска инвазија на Гренланд, војската има наредба веднаш да отвори оган

Во случај на американска инвазија на Гренланд, данските војници имаат јасна и недвосмислена наредба – веднаш да одговорат со оружје, без чекање дополнителни инструкции. Станува збор за воена директива донесена уште во 1952 година, која и натаму е на сила, потврди данското Министерство за одбрана.Оваа информација излегува во јавноста откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја искажа својата намера Гренланд да биде припоен кон САД, дури и со употреба на воена сила доколку е потребно. Изјавите на Трамп предизвикаа силни реакции и неверување во Данска, која Гренланд го смета за своја самоуправна територија, но и сериозна вознемиреност меѓу сојузниците во НАТО, пренесуваат европските медиуми.Според данскиот весник „Берлингске“, директивата од 1952 година предвидува дека во случај на напад, „нападнатите сили мора веднаш да стапат во борба, без чекање или барање наредба, дури и ако командниот кадар формално не е известен за објава на војна или воена состојба“. Од Министерството за одбрана на Данска кусо потврдиле дека „наредбата за мерки на претпазливост за воена одбрана во случај на напад и во време на војна останува во сила“.Заканувачките изјави на Трамп предизвикале итни консултации меѓу европските сојузници, при што повеќе дипломати предупредуваат дека евентуален американски напад врз Гренланд би можел да значи крај на НАТО каков што е познат денес.Францускиот министер за надворешни работи Jean-Noël Barrot изјави дека Европа сака да реагира, но исклучиво во координација со партнерите. Извор од германската влада, пак, за агенцијата Ројтерс изјавил дека Германија тесно соработува со Данска и со другите европски земји околу следните чекори поврзани со Гренланд.Истовремено, од Вашингтон пристигнуваат спротивставени пораки. Францускиот министер Баро откри дека американскиот државен секретар Marco Rubio лично го уверил дека САД не планираат воена инвазија врз Гренланд. Според него, Рубио изрично ја исклучил таа можност за време на телефонски разговор.И „Волстрит журнал“, повикувајќи се на свои извори, објави дека Рубио на американските политичари им појаснил дека целта на Вашингтон е евентуално купување на островот, а не воена акција.Сепак, ваквите смирувачки пораки се во остар контраст со изјавата на портпаролката на Белата куќа Karoline Leavitt, која порача дека употребата на воена сила „секогаш останува опција“. Дополнителна загриженост внесе и „Вашингтон пост“, кој објави дека американски и европски функционери сè поотворено разговараат за преземање на Гренланд како „конкретна можност“.Еден висок европски дипломат изјавил дека во последните денови е забележлива значајна промена во тонот на разговорите. Поранешниот француски премиер Dominique de Villepin упати најостро предупредување досега, оценувајќи дека доколку САД го нападнат Гренланд, тие би станале непријател на европските членки на НАТО.„Во ниеден случај Европа не смее да прифати нарушување на европскиот суверенитет. Напад на една членка на НАТО врз друга би бил настан без преседан“, изјави де Вилпен, предупредувајќи дека таков потег би претставувал „огромна историска промена“ во односите меѓу САД и Европа.

Свет | пред 2 месеци

grenlan

Детали од состанокот во Конгресот. Рубио: „Нема да го нападнеме Гренланд, имаме друг план“

Американскиот државен секретар Марко Рубио им порача на конгресмените дека, и покрај сè поагресивната реторика, администрацијата не планира инвазија на Гренланд, туку сака да го купи овој огромен остров од Данска. Оваа изјава, дадена за време на затворен брифинг во понеделник, доаѓа во момент кога Белата куќа јавно не ја исклучува можноста за воена акција, а претседателот Трамп и неговите соработници одбиваат јасно да се откажат од употреба на сила.Белата куќа: Воената опција секогаш постоиДека ситуацијата е сериозна, потврди и портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека стекнувањето на Гренланд е приоритет на националната безбедност на САД и дека е клучно за одвраќање на нашите противници во арктичкиот регион“, изјави таа. „Претседателот и неговиот тим разгледуваат повеќе опции за остварување на оваа важна надворешнополитичка цел, а секако, употребата на американската војска секогаш е опција што му стои на располагање на врховниот командант.“Трамповата желба за купување на Гренланд не е нова – за тоа зборуваше и во својот прв мандат – но сега изгледа решен како никогаш досега да го припои тој териториј кон САД.Што се случувало зад затворени врати?Изјавата на Рубио била дадена на состанок со раководството на Конгресот, на кој присуствувале и министерот за одбрана Пит Хегсет и претседателот на Обединетиот генералштаб, генерал Ден Кејн. Главна тема била операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но разговорот се проширил и на други можни воени акции. Според извори, лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, директно прашал дали администрацијата планира воена интервенција во Мексико или на Гренланд, по што Рубио наводно се обидел да ги смири присутните.Иако не е целосно јасно дали тоа навистина успеало, блискиот сојузник на Трамп, сенаторот Линдзи Греам, тврди дека острата реторика е само дел од преговарачката стратегија. „Сето ова е дел од преговорите“, изјави тој. „Мора да имаме правна рамка и заштита за да можеме да го изградиме тоа што ни е потребно и да ги испратиме нашите луѓе на терен.“Но ваквиот пристап предизвика длабока загриженост меѓу европските сојузници. Членките на НАТО предупредија дека американски напад на Гренланд – автономна територија во состав на Данска – би значел крај на сојузот каков што го знаеме.Трамп: Ни треба ГренландДека притисокот продолжува, покажа и Стিফен Милер, еден од најблиските советници на Трамп, кој во понеделник на Си-Ен-Ен не ја исклучи можноста за инвазија. „Никој нема да се бори против САД поради иднината на Гренланд“, порача тој самоуверено.И самиот Трамп беше уште подиректен во вторник, кога во претседателскиот авион им ги објасни на новинарите своите мотиви.„Гренланд ни е потребен од аспект на националната безбедност, а и Европската унија има интерес тоа да се случи – и тие го знаат тоа“, изјави тој, нагласувајќи ја стратешката важност на Арктикот со оглед на Русија и Кина, како и пристапот до богатите минерални ресурси на островот.Остар одговор од КопенхагенДанската влада се обиде да одговори на безбедносните грижи на Трамп нудејќи поголемо американско воено присуство и нови концесии за рударење, но Трамп во неделата ги одби тие предлози со потценувачка изјава дека Копенхаген купува „уште едни снежни санки“.Данската премиерка Мете Фредериксен во понеделник го упати досега најсилното предупредување. За локалната телевизија ДР изјави дека напад на членка на НАТО би значел крај на сè:„Сè би завршило. Меѓународниот поредок каков што го знаеме, демократските правила на игра, НАТО – најсилниот одбранбен сојуз во светот – сето тоа би се урнало доколку една членка одлучи да нападне друга“, рече Фредериксен.Стравот на европските лидери дополнително го засилија неодамнешните американски воени операции во Венецуела, Нигерија и Иран, кои сугерираат дека Трамп во својот втор мандат е подготвен почесто да користи сила. Во меѓувреме, додека траат дипломатските препукувања и закани, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека огромното мнозинство од жителите на Гренланд се против идејата островот да стане дел од САД.

Свет | пред 2 месеци

media-library2h7328lt783640HaCUr

Франција разработува план за одговор ако САД тргнат кон Гренланд

Франција заедно со своите партнери работи на план за реакција во случај САД да почнат со реализирање на заканата за преземање на Гренланд, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи, додека Европа се обидува да се соочи со амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот.Американско воено преземање на Гренланд од долгогодишниот сојузник Данска би предизвикало сериозни потреси во односите преку Атлантикот, би предизвикало силни бранови во рамките на НАТО и дополнително би го продлабочило јазот меѓу Трамп и европските лидери. Министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека ова прашање ќе биде покренато на денешната средба со министрите за надворешни работи на Германија и Полска.„Сакаме да преземеме чекори, но сакаме тоа да го направиме заедно со нашите европски партнери“, рече тој во изјава за „Франс Интер“. Лидерите на европските сили и Канада оваа недела застанаа зад Гренланд, нагласувајќи дека овој арктички остров ѝ припаѓа на неговата популација.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryuh3kggafh3aj9PQiTmj

Итен состанок во Данска за Гренланд: „Никој нема ни со прст да мрдне за да ни помогне“

Синоќа, на празникот Богојавление по католичкиот календар, под необично строги безбедносни и тајни мерки, во Копенхаген се состана државниот врв на Данска за да ја утврди стратегијата во кризата околу Гренланд. По околу два часа пред новинарите излезе министерот за надворешни работи Ларс Леке Расмусен и рече дека ќе побара средба со неговиот американски колега Марко Рубио за да се „разјасни недоразбирањето“.„Мораме да разјасниме одредени недоразбирања што настанаа. Веруваме дека ситуацијава е последица на погрешно толкување. На пример, неточно е дека руски и кинески бродови пловат во близина на Нуук, на Гренланд“, рече Расмусен, додавајќи дека заедно со министерската за надворешни работи на Гренланд, Вивиан Мотсфелд, ќе отпатуваат во Вашингтон, но дека засега не знае кога.Станува збор за очигледен обид да се смири тензијата и за многу поблага реторика од онаа на данската премиерка Метe Фредериксен последниве денови, која поради состанокот на Коалицијата на подготвени во Париз не присуствуваше на средбата во Копенхаген.Расмусен нагласи дека „САД не можат едноставно да го добијат Гренланд“, но веднаш додаде дека се согласува со американскиот претседател Доналд Трамп дека на Арктикот постојат одредени безбедносни предизвици.Соработка – да, предавање суверенитет – неТој изрази подготвеност за соработка и за зголемување на американското присуство на Гренланд, но не и за откажување од суверенитетот над најголемиот остров во светот. Не доаѓа предвид ниту продажба на Гренланд, за што изминативе 24 часа се зборува во Вашингтон, нагласи Расмусен.Но состанокот во Копенхаген не беше најдобро применет на самиот Гренланд. Пипалук Линге, претседателка на Комисијата за надворешна и безбедносна политика во парламентот на Гренланд, изрази незадоволство што ниту еден претставник од островот не бил поканет. Данските политичари веднаш одговорија дека поради чувствителноста на темата сите учесници морале физички да бидат присутни во Копенхаген.„Значи, тие одржуваат состанок за нас – историски состанок за нас – без нас. Тоа е неоколонијалистички пристап. Оваа фрустрација постои меѓу населението на Гренланд со години. Затоа сакаме независност, бидејќи немаме чувство дека сме рамноправни. Не сакаме да бидеме граѓани од втор ред“, изјави Линге за данската јавна телевизија ДР.И додека анкетите по улиците на данските градови покажуваат извесно незадоволство и разочараност од реакцијата на владата на американските претензии, данските експерти за меѓународни односи немаат никакви илузии што би се случило со Гренланд доколку Трамп истрае и стане поагресивен во своите намери.„Американската воена машина е пресилна“„Ако САД одлучат да го нападнат Гренланд, што засега е тешко замисливо, ќе останеме сами. Никој нема ни со прст да мрдне – во строго воена смисла. Никој нема да ни помогне“, изјави за ДР Петер Вигo Јакобсен, доцент на Институтот за стратегија и воени студии при Данската одбранбена академија.Според прописите, данската војска би морала да реагира во случај на напад без да чека наредба од Копенхаген, но Јакобсен смета дека секоја борба би била „целосно бесмислена“:„Гренланд е многу далеку, многу е студено и условите за борба се ужасни. Американската воена машина е едноставно преголема и пресилна за воопшто да може нешто да се направи.“На прашањето на ДР дали тогаш поддршката од европските сојузници се сведува само на убави зборови, Јакобсен заклучува:„Се разбира, никој нема да гине за Гренланд. Како што ни ние не планираме да гинеме за Украина. Даваме пари и оружје, но нема да гинеме. Ако Американците нападнат – играта е завршена. А Гренланѓаните ќе мора да се помират со тоа дека имаат нов газда.“„САД нема да го освојат Гренланд со воена сила“Со тоа се согласува и Јакоб Линет Шмид, докторанд во Данскиот институт за меѓународни студии и експерт за одбранбена политика, кој исто така не верува дека САД би го окупирале Гренланд воено, но доколку тоа се случи, не гледа никаква надеж за Данска.„Би било самоубиствено да се влезе во воен судир со САД на Гренланд. Дури и со помош на европските сојузници. Секако, Данска има поголеми воени капацитети отколку што Трамп признава кога се потсмева со коментарите за санки со кучиња – но тоа сепак не е доволно“, изјави Шмид за ДР.

Свет | пред 2 месеци

grenlan

Нордиските земји ѝ порачаа на Америка: За статусот на Гренланд одлучуваат само Данска и Гренланд

Министрите за надворешни работи на Данска, Финска, Исланд, Шведска и Норвешка денеска, поради изразените претензии на Соединетите Американски Држави кон Гренланд, во заедничка изјава повторија дека за статусот на оваа самоуправна територија можат да одлучуваат исклучиво Гренланд и Данска, чиј составен дел е островот.„Заеднички повторуваме дека за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд одлучуваат само Данска и Гренланд“, се наведува во изјавата објавена на официјалната интернет-страница на Министерството за надворешни работи на Данска.Нордиските земји потсетија дека Данска и Гренланд се меѓу основачите на НАТО и дека со децении соработуваат тесно со САД во сферата на безбедноста на Арктикот. Во тој контекст е спомнат и Одбранбениот договор меѓу Данска и САД од 1961 година.Во заедничката позиција се нагласува дека безбедноста на Арктикот се темели врз почитување на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, вклучително и неповредливоста на границите. Како членки на НАТО, нордиските држави истакнуваат дека остануваат посветени на зачувување на безбедноста, стабилноста и соработката во арктичкиот регион.Во изјавата се наведува и дека овие земји веќе презеле чекори за зајакнување на одбраната на Арктикот преку нови капацитети, активности и зголемено присуство, како и дека ја поддржуваат засилената улога и будност на НАТО во регионот.„Значително ги зголемивме нашите инвестиции во арктичката безбедност и подготвени сме да направиме уште повеќе, во тесна координација со САД и другите сојузници во НАТО“, се вели во соопштението.Претходно денеска, премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, ги повика Соединетите Американски Држави да го почитуваат дијалогот преку соодветни дипломатски и политички канали и да ги користат форумите што се засноваат на постојните меѓународни договори.Во меѓувреме, лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Велика Британија и Данска со заедничка изјава на поддршка за Гренланд реагираа на ставовите на висок функционер на Белата куќа, Стивен Милер. Тој изјави дека американското полагање право на контрола врз Гренланд претставува „официјален став на Владата на САД“ и дека „никој нема да војува со Америка за иднината на Гренланд“.Гренланд е самоуправна територија во рамки на Кралството Данска, со сопствен премиер, влада и парламент составен од 31 пратеник избрани на национални избори.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryuh3kggafh3aj9PQiTmj

Европските лидери директно до Трамп: „Гренланд им припаѓа на неговите жители, само Данска и Гренланд одлучуваат за неговата иднина“

Европските лидери штотуку објавија заедничка изјава во која порачуваат дека Гренланд им припаѓа на неговите жители и дека исклучиво Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за неговата иднина. Изјавата беше објавена откако американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот клучен советник Стивен Милер изминатите денови повторно го отворија прашањето за евентуално американско преземање на овој арктички териториј.Изјавата следува откако Трамп во интервјуа порача дека Соединетите Држави „имаат потреба од Гренланд“, додека Милер изјави дека Гренланд „треба да биде дел од САД“ и нагласи дека „никој нема да војува со Америка за иднината на Гренланд“, што предизвика силни реакции во Европа.Меѓу потписниците на заедничката изјава се и францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.Заедничка изјава на европските лидери„Арктичката безбедност останува клучен приоритет за Европа и е од пресудно значење за меѓународната и трансатлантската безбедност. НАТО јасно стави до знаење дека арктичкиот регион е приоритет и дека европските сојузници го засилуваат своето делување.Ние и многу други сојузници ја зголемивме нашата присутност, активности и вложувања за Арктикот да остане безбеден и за да се одвратат противниците. Кралството Данска – вклучително и Гренланд – е дел од НАТО.Безбедноста на Арктикот затоа мора да се обезбедува заеднички, во соработка со сојузниците од НАТО, вклучително и Соединетите Држави, со почитување на начелата на Повелбата на ОН, меѓу кои суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите.Тоа се универзални начела и ние нема да престанеме да ги браниме. Соединетите Држави се клучен партнер во тие настојувања, како сојузник во НАТО и преку одбранбениот договор меѓу Кралството Данска и Соединетите Држави од 1951 година.Гренланд им припаѓа на неговите жители. Исклучиво Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, стои во заедничката изјава.Трамп и Милер ја заострија реторикатаАмериканскиот претседател Доналд Трамп изминатите денови повеќепати повтори дека Соединетите Држави „апсолутно имаат потреба од Гренланд“, не исклучувајќи можност за еднострани потези. Неговиот клучен советник Стивен Милер за CNN изјави дека Гренланд „треба да биде дел од САД“ и нагласи дека „никој нема да војува против Америка“ поради ова прашање.Овие изјави дополнително ги вознемирија европските сојузници, особено по американската воена операција во Венецуела, која ги зајакна стравувањата дека Вашингтон повеќе не изрекува закани само на реторичко ниво.Данската премиерка Мете Фредериксен претходно предупреди дека изјавите на Трамп треба да се сфатат сериозно, додека бројни европски функционери порачаа дека секое задирање во суверенитетот на Данска и Гренланд би претставувало директно кршење на меѓународното право и на темелните начела на НАТО.Европските лидери во заедничката изјава јасно ставија до знаење дека нема да отстапат од одбраната на овие начела, нагласувајќи дека безбедноста на Арктикот мора да се темели на меѓународното право, сојузништвото и почитувањето на суверенитетот на државите.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryie9gigosmruh92pMbWy

„Данска ја зајакна безбедноста на Гренланд со уште една санка за кучиња“, рече Трамп, ЕК предупреди дека анексијата на островот ќе значи крај на НАТО

„Дали знаете што направи Данска неодамна за да ја зајакне безбедноста на Гренланд? Додадоа уште една санка за кучиња.“Со оваа подбивна изјава американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја разгоре дебатата околу идниот статус на Гренланд — автономна територија на Кралството Данска, која за Вашингтон има сериозно стратешко значење.Трамп отворено изјави дека САД „имаат потреба од Гренланд“ поради националната безбедност и дека островот е клучен за контрола на Арктикот, особено во услови кога, како што тврди, регионот е под зголемено руско и кинеско присуство. Според него, Данска не може да гарантира соодветна заштита на територијата.Но, токму тие пораки ја разбудија најголемата вознемиреност во Европа досега.Европската комисија: Безбедноста не смее да биде изговор за анексијаОд Брисел порачаа дека Гренланд е сојузничка територија — а не објект за политичка или воена трговија.Портпаролката на Комисијата Паула Пињо потсети дека Гренланд е дел од НАТО и дека е сојузник на САД, а не спротивставена страна.Нејзината колешка, портпаролката за надворешна политика Анита Хипер, беше уште поексплицитна:„ЕУ ќе продолжи да ги брани принципите на национален суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите. Ова особено важи кога територијата на земја-членка е доведена во прашање.“Зошто Гренланд е толку важен?Островот е богат со суровини и има огромна геостратешка вредност. Неговата позиција на Арктикот го прави природна платформа за воено и разузнавачко присуство, нешто што веќе постои преку американските бази, но без промена на суверенитетот.

Свет | пред 2 месеци

grenlan

Страв во Данска дека Трамп сака американска контрола и врз Гренланд

По „киднапирањето“ на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кое Вашингтон го оправдува со безбедносни причини, во Данска сè погласни стануваат стравувањата дека американската администрација може да направи сличен потег и кон Гренланд. Загриженоста расте поради повторените изјави на Доналд Трамп дека САД треба да воспостават контрола врз овој арктички остров од стратешко значење.Гренланд, кој има околу 57.000 жители и статус на полуавтономна територија во рамките на Данското кралство, формално има право на независност согласно договорот од 2009 година. Сепак, локалните власти не го користат тоа право бидејќи економијата е силно зависна од риболовот и данските субвенции. И Копенхаген и властите во Нуук категорично повторуваат дека островот „не е на продажба“ и нема да стане дел од Соединетите Американски Држави.Трамп, кој веќе неколку пати јавно го поврзува Гренланд со американската национална безбедност, тврди дека Русија и Кина веќе имаат присуство таму и дека Данска не е во состојба да се справи со геополитичкиот притисок. Зборувајќи во авионот „Ер Форс Уан“ за време на летот од Мар-а-Лаго кон Вашингтон, тој најави дека прашањето ќе биде повторно разгледано во наредните месеци, оценувајќи дека островот е клучен за одбранбениот ракетен штит и за обезбедување на ресурсите потребни за САД.Американскиот претседател тврдеше и дека Европската Унија е свесна за улогата на Вашингтон во Арктикот, истакнувајќи дека „на ЕУ ѝ е потребно САД да ја преземат таа одговорност“. Во јавноста овие пораки се толкуваат како сигнал дека Белата куќа не отстапува од идејата за проширување на своето влијание над островот.Стратешката положба на Гренланд меѓу Европа и Северна Америка веќе одамна го прави важна точка во безбедносните пресметки на НАТО-сојузниците. Но, повтореното спомнување на можноста за американска јурисдикција — дури и со потенцијална употреба на сила — предизвикува особена вознемиреност во Данска, која потсетува дека островот има сопствен политички статус и дека одлуките за неговата иднина не се предмет на трговија.

Свет | пред 2 месеци

grenlan

Огромен скандал во Данска, откриени тројца Американци кои тајно работеле за Трамп: „Се подготвувале да го преземат Гренланд“

Данската влада ги отповика американските вршители на должност во земјата откако локалните разузнавачки служби открија дека најмалку тројца американски државјани работеле на „операции за влијание“ во Гренланд за да ја оддалечат земјата од Данска и да ја приближат до САД, објави DR.Разузнавачките служби, објави DR, открија мрежа во која најмалку три лица биле вклучени во операциите. Тие исто така објавија дека ги знаат нивните имиња и дека се блиски до претседателот Доналд Трамп, но одлучија да не ги објавуваат нивните идентитети за да ги заштитат своите извори. Сè уште не е познато дали работеле по директни наредби од Белата куќа или независно.Министерот за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека „секој обид за мешање во внатрешните работи на Кралството е неприфатлив“.Создаде мрежа на контактиСе вели дека еден од мажите го посетил Гренланд за да присуствува на состаноци таму и да состави список на потенцијални сојузници и противници на плановите на Трамп за преземање на територијата. Тој, исто така, како што објавува ДР, ги повикал жителите на Гренланд да пријават случаи што би можеле да се искористат за прикажување на Данска во лошо светло во американските медиуми.Другите двајца мажи наводно работеле на изградба на мрежа на контакти со политичари, бизнисмени и лидери на заедницата за да ги спроведат плановите на Трамп. Парламентарната претставничка Аја Кемниц, исто така, коментираше за информациите.- Неприфатливо е што се обиделе да се инфилтрираат во гренландското општество на таков начин. На Гренланд е сам да одлучи каква иднина сакаат - рече таа.„Сериозен удар за односите“Расмусен рече дека состанок со импичираниот вршител на должноста ќе се одржи подоцна денес. Тој во моментов е највисок американски дипломат во Копенхаген, бидејќи нема амбасадор. Тој истакна дека целта на состанокот е да им се стави до знаење на Соединетите Американски Држави дека доколку има официјално мешање во политиката на Гренланд, тоа е кршење на меѓународните правила.Лидерот на Радикалната партија, Мартин Лидегард, исто така, го коментираше случајот. Тој оцени дека ова е сериозна и непријатна ситуација, „особено ако се покаже дека работеле по официјална наредба“.- Тешко е да се докаже, но исто така е тешко да не се сомневаме во тоа. Ова значи дека не можеме да ѝ веруваме на американската администрација. Тоа е сериозен удар за односите меѓу САД и Данска, но секако и на Гренланд и САД - рече Лидегард.

Свет | пред 7 месеци

Нема фотографија

Гренланѓаните му порачаа на Трамп: „Не сакаме да бидеме Американци“

Доналд Трамп во неколку наврати изјави дека сака да го направи Гренланд дел од САД, а тоа го повтори и синоќа во својот говор пред Конгресот, пренесува Sky News.Тој го поддржа „правото на Гренланд да ја одреди сопствената иднина“, но додаде, донекаде заканувачки рече дека САД ќе го добијат островот „на овој или оној начин“.Премиерот на Гренланд на ова одговори: „Не сакаме да бидеме Американци“.„Гренланд е наш. Не сакаме да бидеме Американци, ниту Данци, ние сме Гренланѓани“, рече премиерот Муте Егеде.„Американците и нивните лидери треба да го разберат ова. Ние не сме на продажба и не може да нè одземат. Нашата иднина одлучуваме ние на Гренланд“, додаде тој.

Свет | пред 1 година

grenland

Премиерот на Гренланд: Сакаме блиски односи со Америка и Данска, но до одредена граница

Премиерот на Гренланд Муте Егеде изјави дека островот сака блиски односи со САД и Данска, но до одредена граница.Гренланѓаните не сакаат да бидат Данци. Гренланѓаните не сакаат да бидат Американци“, рече Егеде во интервју за Фокс њуз.Неговите забелешки може да го фрустрираат новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој претходно покажа интерес да ја преземе контролата врз стратешки лоцираниот и богат со ресурси остров.Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, го поддржа тврдењето на Егед дека „Гренланд не е на продажба“ и ја повтори таа порака до Трамп за време на телефонскиот разговор пред два дена во средата.Во интервјуто со Брет Баер, Егеде го поздрави силното партнерство со ЕУ и САД и изрази отвореност за зголемени европски и американски инвестиции во рударскиот сектор на островот. Слични ставови изрази и министерката за природни ресурси на Гренланд, Наја Х. Натаниелсен, во авторски текст за Вашингтон пост.Егеде рече дека Гренландците би избрале независност доколку имаат можност да гласаат на референдум, нагласувајќи дека одлуката им припаѓа исклучиво на народот на Гренланд.„Гренландскиот народ ќе одлучи за иднината на Гренланд“, изјави тој.Доколку оваа данска територија постигне независност, Егеде посочи дека Гренланд би сакал да остане дел од НАТО како членка на алијансата и да одржува силно безбедносно и одбранбено партнерство со САД и ЕУ.„Важно е да се разбере дека ако Гренланд тргне по тој пат, таа секогаш ќе биде дел од западната алијанса и силен партнер на САД“, рече тој. „Затоа што вашата безбедност е наша безбедност.

Свет | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања