ЗНМ реагира за комуникацијата со Јаневска со „ти рековме”: Прекршени се етичките стандарди во случајот со новинарот во Тетово
Советот на честа при Здружението на новинари на Македонија реагираше за случајот со новинарот Невриј Адеми, оценувајќи дека начинот на комуникација на прес-конференцијата со министерката за образование и наука Весна Јаневска не соодветствува со професионалните стандарди.„Правото на слободно поставување прашања и критичко известување на новинарите е неотуѓиво и суштинско за функционирањето на едно демократско општество, но ова право подразбира и обврска за доследно почитување на професионалните и етичките стандарди, што не беше случај со последниот настан поврзан со однесувањето на новинарот Невриј Адеми на прес конференцијата на министерката за образование и наука Весна Јаневска во Тетово, случај што Советот на честа при ЗНМ внимателно го следеше и кој истиот отвори јавна дебата во медиумскиот простор“, се наведува во реакцијата.Од Советот потсетуваат дека улогата на новинарите како носители на јавниот интерес подразбира одговорност и почитување на етичките норми.„Имајќи ја предвид улогата на новинарите како носители на јавниот интерес и чувари на демократските вредности, Советот потсетува дека ова право подразбира и обврска за доследно почитување на професионалните и етичките стандарди“, посочуваат од таму.Според нив, конкретниот настап не бил во согласност со Кодексот на новинарите.„Во конкретниот случај, Советот цени дека начинот на комуникација и тонот на обраќање на новинарот не соодветствуваат со принципите на достоинствен и професионален јавен дискурс. Конкретно, членот 15 од Кодексот на новинарите, вели дека новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката, а непримерната комуникација со јавноста е неспојлива со новинарската професија“, стои во соопштението.Советот нагласува дека ваквите случаи ја нарушуваат довербата во медиумите и јавниот дијалог.„Советот на честа нагласува дека ваквите случаи не придонесуваат за унапредување на довербата во медиумите, ниту за квалитетен јавен дијалог. Оттука, упатуваме апел до сите новинари и медиумски работници да се придржуваат кон највисоките професионални стандарди, да ја негуваат културата на комуникација и да придонесуваат кон градење на взаемна почит во јавниот простор“, додаваат.Воедно, се посочува дека почитта мора да биде двонасочна, а институциите имаат обврска да обезбедат услови за работа на новинарите.„Воедно, Советот потсетува дека почитта во односите меѓу носителите на јавни функции и медиумите треба да биде двонасочна, при што институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена и професионална работа на новинарите. Во таа насока, советот укажува и дека овој случај не смее да се користи за дневнополитички цели, ниту за создавање дополнителни тензии и погрешни интерпретации во етнички контекст“, се наведува.Советот најавува дека ќе продолжи да ги следи ваквите случаи и да реагира во насока на заштита на етичките стандарди.„Советот на честа ќе продолжи да ги следи ваквите случаи и, согласно своите надлежности, да реагира во насока на заштита и унапредување на етичките стандарди во новинарството“, стои во реакцијата.
Македонија | пред 5 дена