Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ПУЛС

kocani-puls

Родителите на жртвите од „Пулс“ повторно на улица: Престанете со тортура на нашите семејства

По една недела пауза, родителите, роднините и пријателите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно излегоа на улиците за да укажат дека и натаму чекаат правда, како и да испратат пораки до системот. Тие преку транспаренти го искажаа својот револт, гнев и тага уште од самиот старт.„Престанете со тортура на нашите семејства“, „Ние изгубивме, вие уште имате за што да се борите“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „62 животи, 62 иднини, 62 семејства со вечна болка. Правда и одговорност – нема мир без тоа“, „Крив е системот, не беше несреќа, беше неодговорност! Правда за нашите деца“ – пишуваше на нив.Маршот на ангелите се одржува секоја сабота, во 18:05, како симбол на доцната реакција на институциите.

Македонија | пред 7 месеци

kocani-protest-1145125

„Родители го продадовте споменот на своето дете за ситни пари, душата ќе ви оди во пеколот, а таму не се вашите деца“, рече една од присутните на маршот во Кочани

Со транспарент, „Слушнете го гласот на оние што повеќе не можат да зборуваат“, родители, роднини и пријатели на загинатите и повредените во кочански „Пулс“ испратија уште една порака до јавноста и правосудната власт. Тие се обратија и посочија: „Оддаваме почит на жртвите од земјотресот во Скопје и се сеќаваме на храброста на сите кои помогнаа да се роди урбано и модерно Скопје. Пред четири месеци се случи најголемата трагедија во поновата историја, каде поради затајувањето на институциите 62 деца беа пеплосани, а 200 повредени имаат трајни последици, а и уште 300 деца кои не се споменуваат и остануваат со траума“.„Таа ноќ ќе го следи Кочани засекогаш, трагдија која наместо да нѐ сплоти, ни донесе дополнителни удари – политизирање, апатија, презир од одредени поединци, бидејќи парите и моќта се поважни од иднината на идните генерации. Родители, кои го продадовте споменот на своето дете и борбата за правда за ситни пари и подобра работна функција, каде ќе ви оди душата? Во пеколот да знаете. А таму не се вашите деца и никогаш нема да ги видите“, рече родител на загинато дете на 16-тиот марш по ред.Потоа, се обрати Васка Стојанова, мајка на загинатиот Томче, која рече „Сакаме да прашаме до каде е постапката на ОЈО-ГОКК (за полицајците) или чекаат одмори, за да си ги однесат децата на одмор на вода, а ние на нашите деца на гробовите да им фрламе вода за да ги освежиме?“.

Македонија | пред 8 месеци

Screenshot-2025-07-19-at-18.26.32

Партиите да не ни ја користат болката за маркетинг, градоначалникот да се извини, а ние немаме што да изгубиме, рече таткото кој го изгуби синот во пожарот во „Пулс“

Родителите, семејствата и пријателите на младите кои ги загубија животите во пожарот во клубот „Пулс“ повторно излегоа на улиците на Кочани, во нов марш на болката и борбата за правда. Од пред зградата на Општина Кочани, Драги Стојанов – татко кој го загуби својот единец, 21-годишниот Томче Стојанов – се обрати во името на останатите.Во емотивен говор, Стојанов упати остри критики до општинските власти и советниците, обвинувајќи ги за целосна незаинтересираност и игнорирање на семејствата на жртвите.„Немојте да се плашите од нас, бидејќи не сме убијци како тие што ни ги убија децата. Советниците се платени од нас, а не покажаа ни трошка почит. Не дојдоа ниту на еден марш. Тоа е нивната благодарност“, рече Стојанов.Посебен револт изрази кон в.д. градоначалникот Венко Крстевски, кој, како што рече, планирал да организира забава за Петровден, само неколку месеци по трагедијата.„Во Кочани беа убиени 63 деца, а вие организирате веселба. Нема фамилија што не е завиена во црно. Простуваме за грешката, но бараме јавно извинување. Ништо повеќе“, порача Стојанов.Освен обраќањето кон локалната власт, тој испрати и порака до политичките партии:„Ве молиме, од СДСМ и ВМРО – оставете нè на мир. Немојте нашата болка да ја користите за политички маркетинг. Трпението ни е при крај. Немаме што да изгубиме – само вие имате.“На крајот од говорот, Стојанов ја повтори пораката која веќе месеци одекнува од Кочани: дека правдата не е задоволена, и дека тие нема да се откажат – „ни по цена на сопствениот живот“.Маршот, симболично организиран пред општинската зграда, доаѓа неколку дена по најавата за нови судски рочишта и во моменти кога јавноста сè погласно бара одговорност од институциите за трагедијата во која животот го загубија 63 млади лица.

Македонија | пред 8 месеци

kocani-puls-protest-7

Петнаесетти „Марш на ангелите“ во Кочани – во знак на болката, но и упорната потрага по правда

Четири месеци по трагедијата што го потресе Кочани и целата држава, Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ вечерва го организира 15. по ред „Марш на ангелите“. Маршот, посветен на сеќавањето на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, ќе започне во 18:05 часот, од Паркот на револуцијата.Во соопштението од Здружението, родителите на жртвите повикуваат на заеднички тивок марш – како симболично потсетување на институционалниот молк и реакцијата што доцнела, но и како повик за будност, одговорност и правда.„Маршираме во тишина која зборува гласно – ова никогаш повеќе не смее да се повтори. Ниту за едно дете, ниту за една мајка“, се наведува во повикот.Почетното време на маршот – 18:05 – е намерно избрано, велат организаторите, како симбол на доцнењето што чинеше човечки животи.Во меѓувреме, Кривичниот суд соопшти дека им е продолжен притворот на обвинетите за пожарот во дискотеката. Постапката сега официјално ја презема Основното јавно обвинителство Скопје, кое ќе го води понатамошниот тек на предметот.Според обвинителниот акт, вкупно 37 обвинети – 34 физички и 3 правни лица – се товарат за тешки кривични дела против општата сигурност.На 16 март 2025 година, во кобниот пожар во дискотеката „Пулс“ животите ги загубија 62 лица, меѓу кои и шест деца. Над 200 други беа повредени. Семејствата, јавноста и граѓанскиот сектор и натаму бараат одговорност – не само за сторителите, туку и за сите институции чие (не)делување доведе до ваков епилог.

Македонија | пред 8 месеци

puls-35-1

Газдата на “Пулс” останува во притвор, заедно со тројца осомничени - обвинението ќе го застапува скопското обвинителство

Обвинителниот акт за случајот „Пулс“, во кој се опфатени 17 лица, е доставен до Основниот кривичен суд Скопје. Четворица од обвинетите остануваат во притвор, додека за останатите 13 и понатаму се применуваат мерки на куќен притвор. Со ова се означува крајот на истражната постапка, а започнува рокот во кој странките можат да поднесат приговори пред судот да одлучи дали ќе го прифати обвинението.Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:Со оглед на интересот на јавноста за кривичниот предмет поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, судот известува дека кривичниот совет при овој суд постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство – Кочани за продолжување на мерките за обезбедување присуство на обвинетите, на обвинетите Д.Ј. од Кочани, Т.Ј. од Кочани, Џ.К. од Скопје и Б.Х. од Скопје им ја продолжи мерката притвор, додека на обвинетите М.С., О.Г., Љ.П., И.Г., М.Г., С.Д., сите од Кочани, потоа Ј.Ј. и Љ.Г. од Скопје како и Б.М и Ш.Х., од Тетово и Е.М. од Виница им се продолжи мерката куќен притвор.Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје, а советот дополнително ќе одлучува и по предлозите за продолжување на мерките за обезбедување присуство и мерките претпазливост и за останатите обвинети.Во однос на конкретниот обвинителен акт КООА 155/25, како што и претходно веќе информиравме, со одлука на Врховниот суд на Република С. Македонија за стварно и месно надлежен за постапување е определен овој суд, па така на 02.07.2025 година во попладневните часови списите на предметот беа доставени до овој суд, заедно со целокупниот доказен материјал меѓу кој вештачења, медицинска документација, како и техничка опрема одземена во текот на истрагата, која требаше соодветно да се смести и чува во посебни простории. Потоа, предметот и сите предлози се заведоа во АКМИС системот, а во наредниот дек актот е распределен на совет за оценка на истиот.При увидот во списите на предметот, утврдено е дека три обвинети правни лица немаат законски претставник во постапката, по што судот определи претставници по службена должност.Дополнително на 08.07.2025 до судот, од страна на Јавниот обвинител беше доставно доуредување на обвинителниот акт од 01.07.2025 година, кое се однесуваше на генералиите и личните податоци на обвинетите.Откако беа исполнети сите услови, советот издаде наредба за достава на обвинителниот акт со споменатото до уредување, заедно со листа на докази до сите обвинети, нивните бранители и претставниците на обвинетите правни лица поставени по службена должност.Кога истиот ќе биде примен од странките, ќе започне да тече рокот од 8 дена за приговор, а по приемот на сите приговори и истек на Законски утврдениот рок, советот ќе заседава и ќе известува.Исто така, судот ја информира јавноста дека во текот на вчерашниот ден, 17.07.2025 година, во овој суд доставено е решение на Јавното обвинителство на Република С. Македонија РО бр. 367/25 од 15.07.2025 година со кое за месно и стварно надлежно обвинителство за постапување по конкретниот обвинител акт се определува Основно јавно обвинителство Скопје.Судот апсолутно го разбира интересот на јавноста за оваа постапка, но укажува дека должност е да се почитуваат правата на сите засегнати како и законските рокови предвидени во Законот за кривичната постапка, се со цел да не се случат пропусти кои во иднина може да ја компромитираат целосната судска постапка, односно правдата мора да биде брза, но не избрзана, се наведува во соопштението на судот.

Македонија | пред 8 месеци

IMG_5515

Владата ги отфрла обвинувањата од родителите на жртвите од Кочани: „Злоупотребата на болката не носи правда“

По јавното обраќање на родителите на трагично загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од Владата реагираа со соопштение во кое ги отфрлаат како неточни наводите дека средбата со премиерот била понижувачка и нечовечна.„Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотреба на трагичната судбина. Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив, дури и кога ќе има различни мислења“, велат од таму.Во соопштението се нагласува дека средбата од 7 јули не била прва, ниту последна, и дека премиерот Христијан Мицкоски лично им изразил сочувство на сите присутни, со серија приватни гестови и разговори кои, според Владата, не сакаат да бидат предмет на јавна дискусија од етички причини.„Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не ја одразува вистинската дискусија и е навредливо. Намерите и постапките на Владата не се нечовечки – тоа е неточно“, се додава во реакцијата.Од Владата нагласуваат дека болката од трагедијата не е само на семејствата, туку и на целата држава, и уверуваат дека остануваат посветени на поддршката и грижата за родителите.„Ќе се бориме за правда и ќе останеме потпора на семејствата, со конкретни дела. Апелираме трагедијата да не се користи за сензационализам или за донесување осуди врз основа на гнев“, порачуваат од Влада.

Македонија | пред 8 месеци

puls-1

(Видео) Истрага се води за 29 полицајци кои се поврзуваат со „Пулс“, во еден предмет ќе им се суди на осомничените за пожарот и издавачите на дозволите

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека нема потреба од раздвојување на постапките за обвинетите во случајот за пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. Според него, обвинителството има искуство со сложени предмети со повеќе обвинети и тоа нема да биде пречка за водење на ефикасна постапка. Ова доаѓа покрај предупредувањата од правниците дека предметот однапред, се осудува на пропаст.„Ако се раздвојат постапките, може да се појават компликации – едни ќе бидат обвинети, други сведоци, а станува збор за ист кривично-правен настан. Имаме искуство со предмети со над 30 обвинети. Сега го чекаме одобрувањето на обвинителниот акт“, рече Коцевски.Врховниот суд претходно одлучи предметот да го води Основниот кривичен суд Скопје, преку автоматска распределба (АКМИС). Се очекува Судскиот совет наскоро да одлучи во која сала ќе се одржуваат рочиштата – во опција се специјалната судница во Идризово, големата сала во Врховниот суд или во самиот Кривичен суд.Коцевски додаде дека паралелно со овој предмет, истрага се води и против 29 полициски службеници, опфатени во одвоена постапка во Обвинителството за организиран криминал, за евентуални пропусти во врска со пожарот. Според Обвинителството, се прибираат докази, се сослушуваат осомничени и сведоци, и се очекува истрагата да заврши до почетокот на септември.На оваа тема зборуваше и адвокатот Sвонко Давидовиќ во „Претрес“:?t=5755

Македонија | пред 8 месеци

IMG_5515

„Баравме тишина кога боли“ – писмото на родителите од Кочани

Родителите на децата кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани упатија јавно обраќање до македонската јавност, откако нивната интервенција на синоќешниот Петровденски хепенинг предизвика поделени реакции.Во писмото тие нагласуваат дека нивното појавување пред сцената во Паркот на слободата не било чин на омраза или инает, туку очаен обид да спречат веселба изградена врз незарасната болка.„Синоќа, кога излеговме пред бината во Паркот на слободата, тоа не беше протест од омраза, ниту од инает. Тоа беше очаен обид – да не дозволиме над нашата болка да се гради веселба. Да не се игра и пее таму каде што сѐ уште одекнуваат последните повици за помош на нашите деца. Нашиот гест, за жал, беше погрешно разбран. Наиде на поделени реакции, дури и на критики. Затоа сакаме да кажеме неколку зборови, не за оправдување – туку за разбирање. Пред да биде закажан Петровденскиот хепенинг, никој не нѐ праша дали можеме да го издржиме тоа. Дали сме подготвени да слушаме музика во истиот град во кој неодамна плачеше цела Македонија. Дознавме од медиумите, и се обративме до градоначалникот – прво со збор, потоа со писмено барање. Само баравме: или да се откажат забавните содржини, или да се премести местото – таму кај што болката не е толку гласна, каде може достоинствено да се слави, без да се гази по нашите незараснати рани. Но, нѐ одбија.Веруваме дека Петровден ќе се слави уште многу години, и така и треба – животот продолжува. Но оваа година, оваа прва Петровден по трагедијата, верувавме дека можеше да се обои со тишина, со светилка, со молитва. Верувавме дека нашата болка ќе биде признаена, не премолчена. Не сме против свадби, матурски прослави, веселби по кафулиња – тоа се дел од животот. Но јавна веселба организирана од Општината, токму сега, токму на неколку чекори од местото каде што сѐ се случи – тоа беше премногу за нас. Тоа не е обид да ви го ускратиме правото на радост – туку повик да не се заборави човечноста. Сѐ што бараме е емпатија. Да нѐ видите како родители кои живеат со вечна загуба. Да не мораме да се бориме и за основното – за тишина кога боли“, велат тие.

Македонија | пред 8 месеци

mickoski-puls-roditel

Последниот критичен пациент од Кочани е надвор од опасност; Мицкоски: Му простувам на родителот што ме навредуваше

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за телевизија „Сител“ изјави дека сочувствува со семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани и дека му простува на родителот кој, под влијание на болката, го навредувал пред камери.„Сочувствувам со нивната болка. Трагедијата беше страшна и не задеси по само осум месеци од преземањето на власта. Она што го направивме досега, ретко кој го направил – денес добив информација дека и последниот пациент кој беше во критична состојба е надвор од опасност. Првата група веќе го заврши рехабилитацискиот третман на Пониква, а на почеток на следната недела следува втората група. Континуирано сме во контакт со повредените и со семејствата на починатите“, рече Мицкоски.Во однос на навредите што ги добил од еден од родителите, тој изјави:„Оној родител кој ме навредуваше, му простувам тоа е специфична ситуација во која не би можел да замислам како се чувствува човекот“.

Македонија | пред 8 месеци

Screenshot-2025-07-06-at-17.46.04

Потресен апел од Кочани: Ивона не беше само жртва на пожарот – таа беше оставена сама, претепана, без помош. Снимила сè“

Семејството на 21-годишната Ивона Антова, една од жртвите во трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, упати потресен јавен апел на социјалните мрежи, обвинувајќи дека нивната ќерка не загинала веднаш од пожарот, туку била оставена беспомошна и без медицинска грижа во најтешките мигови.„Ивона не беше само жртва на пожарот – таа беше оставена сама, претепана, без помош. Снимила сè – како ја буткаат, како паѓа, како моли за рака, а никој не ѝ помогнал“, напишаа нејзините родители во јавната објава.Според нив, девојката со последните сили снимала и документирала како се обидува да побара спас, но наместо подадена рака добила удари и игнорирање од луѓето околу неа.Родителите тврдат дека Ивона била пронајдена во болница, оставена сама, без кислородна поддршка, со трагични услови на интерно одделение. „Татко ѝ ја најде легната на страна, со рачето под главата, како да се обидела да стане, а не можела. Јас, нејзината мајка, не можев ни да ја видам – бев приклучена на инфузија, а срцето ми умираше со неа“, стои во нивното сведоштво.Семејството бара одговорност од институциите и од сите оние кои, како што велат, затаиле и ја оставиле Ивона да умира сама во болка и страв. Апелираат случајот да не се заборави и бараат правда за својата ќерка, нагласувајќи дека ќе се борат за неа – како што и таа се борела до последниот здив.„Љубовта кон Ивона нема никогаш да згасне. Ќе се бориме за неа, како што таа се бореше“, завршуваат Антови во јавниот апел што предизвика силни реакции во јавноста.

Коментари | пред 8 месеци

Screenshot-2025-07-05-at-19.34.58

(Видео) „Џабе стоиме, тие се во апартманите во Грција“, рече родителот на загинатиот син единец од пред кочанскиот суд

Молчејќи и исврикувајќи ги институциите, родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“, како и граѓаните кои бараа правда, маршираа низ Кочани за да упатат порака дека трагедијата не треба да биде заборавена, но и дека чекаат одговорност. На речиси +40 степени, со фотографиите од нивните деца, поминаа низ центарот на градот. Застанаа пред полицијата и пред Основниот суд односно Обвинителството.„Нема да зборуваме, само ќе молчиме“, рече родител на загинато дете, а потоа беа исвиркани судот и Обвинителството.„Џабе стоиме, ај да одиме, они си се во апартманите во Грција, џабе стоиме ние ајде, одете“, рече родителот кој го изгуби синот единец.Ова беше 12-ти по ред, марш за загинатите во „Пулс“. И следната сабота, родителите ќе го одржат 12-от по ред собир, кој има за цел да ги разбуди институциите и да им ги одговори прашањата.

Македонија | пред 8 месеци

puls-davidovic

(Видео) За првпат адвокатот Давидовиќ проговори за доказите за трагедијата во „Пулс“: Родителите нема да ги добијат сите одговори

Во разговор во „Претрес со Ландов“, Звонко Давидовиќ, адвокат на еден од обвинетите во случајот со трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани, првпат проговори за содржината на доказите што се дел од предметот – фрлајќи ново светло врз досегашната истрага и поставувајќи сериозни прашања за одговорноста на институциите.„Ова е криминал кој траел со години. Не може одговорноста да се ограничи само на обезбедувањето. Надлежност имаат и МВР и Обвинителството. Ако клубот работел уште од 2013 година – каде биле тие сите овие години?“, праша Давидовиќ.Тој посочи дека градежното и хемиското вештачење откриваат дека биле вградени опасни материјали во ентериерот, кои при горење создавале цијановодород – исклучително токсичен гас, и капки со температура од 250 до 450 степени. Тоа, според него, значи дека дури и ако искрите од прскалките биле безбедни, материјалите не биле.„Ако сè било изградено според прописи, немало да дојде до ова. Но, не било“, вели тој.Според Давидовиќ, сè уште нема точен одговор од вештачењата, колку лица можело да собере клубот.Тој одговори и на прашњето вратите биле заклучени, но отворено постави прашања зошто со истрагата не се опфатени други институции – меѓу кои УЈП, Пазарна инспекција...„Со вакво обвинение, без сите одговорни и со обвиненија по исти член – родителите нема да ги добијат сите одговори. Тоа е жално, но реално.“Според него, доказниот материјал е обемен – повеќе од 50.000 страници.Многу повеќе на оваа тема, но и за Мијалков, Нинџа, 27 април, најгрозоморните убиства во Македонија, слушнете во „Претрес“:?t=5463

Македонија | пред 8 месеци

Screenshot-2025-03-16-at-11.16.03

Коцевски бара повеќе пари од буџетот, многу пари се потрошени за вештачењата за Онкологија и Пулс

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски пред Комисијата за финансирање и буџет упати апел за зголемување на буџетските средства на Јавното обвинителство. Сегашниот износ смета дека е недоволен за исполнување на основните функции и на реформските обврски.Тој посочи дека поради зголемените трошоци за вештачења, како и поради недостиг на стручни кадри, Обвинителството се соочува со сериозни предизвици, особено во сложени предмети, како „Онкологија“ и трагедијата во Пулс во Кочани.„Сите сте свесни дека трошоците на Обвинителството по основ на вештачења минатата година значително се зголемија. За предметот„Онкологија“ беа изработени две обемни и скапи вештачења во странство. Трагедијата во Кочани, сите трошоци за анализа на обемниот доказен материјал, за обдукции, за истражни дејства, за сложени мултиинституционални вештачења – сѐ ова падна на товар на Обвинителството. Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветна област во нашата земја, вештачењата ќе треба да се бараат во странство, а странските институции веќе бараат претходни гаранции дека сработеното навремено ќе им биде исплатено“, рече Коцевски.Коцевски укажа дека поради забрана за нови вработувања веќе трета година, како и одбиен годишен план за вработување за 2025 година, екипираноста сериозно е влошена.истакна дека минималниот законски предвиден износ од 0,4 отсто од вкупниот државен буџет не е целосно доделен и дека средствата за 2025 година изнесуваат речиси половина од оваа сума.Тој посочи дека вложувањето во правдата е вложување во стабилноста и владеење на правото.

Македонија | пред 8 месеци

IMG_5572

Судскиот процес за „Пулс“ преселен во Скопје, ќе го суди Кривичен суд

Предметот за одговорноста за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, денеска официјално беше префрлен од Основниот суд Кочани во Основниот кривичен суд Скопје, по одлука на Врховниот суд на Република Македонија.Како што информираат од Кривичниот суд, префрлањето е направено согласно решението на Врховниот суд, кој постапувал по предлог на Апелациониот суд Штип. Главната причина за промената на месната и стварната надлежност е недостатокот на доволен број судии од кривична област во надлежните судови во Штип и Струмица, кои би можеле законски и ефикасно да постапуваат по сложениот предмет.„Врховниот суд, ценел дека по конкретниот предмет треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност, Законито постапување, а преку постапката ќе допринесат и за „сензибилизирање на јавноста“, како што е наведено во решението“, стои во соопштението.Предметот, кој е заведeн под број КООА – 13/25, е оформен по обвинителен акт поднесен од Основното јавно обвинителство – Кочани. Според постапката, обвинителниот акт ќе биде распределен преку АКМИС-системот на совет за оцена на обвинение. Откако ќе биде доставен до обвинетите, започнува законскиот рок за поднесување приговори.По истекот на роковите и доколку се исполнат сите процесни услови, судот ќе закаже седница за оцена на обвинението. Од Кривичниот суд најавуваат дека странките и јавноста ќе бидат навремено известени за сите наредни чекори.Овој потег на Врховниот суд се смета за обид да се обезбеди праведно, транспарентно и стручно водење на процесот, за случај кој веќе подолго време го следи висок јавен интерес.

Македонија | пред 8 месеци

IMG_5572

(Видео) „Ќе има сериозни проблеми со обвинението за трагедијата во Пулс, oчекуван е проблем и со докажувањето“

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, во гостување во емисијата „Претрес“, изјави дека обвинителниот акт за трагедијата во Кочани е поставен на правно проблематичен начин.„Ако мисли јавниот обвинител дека завршил работа со тоа што поднел обвинение, за кратко време ќе сфати дека е во голема заблуда. Затоа што овде се работи за исклучително сложен предмет со многу правни замки, кои влијаат, значи, и на успехот, односно основаноста на поднесеното обвинение“, рече тој.Туфегџиќ укажа и на пропусти во пристапот на институциите: „Мислам дека некои работи се од обвинителско-полицискиот менаџмент пропуштени и испуштени, а тоа е мениџирање со семејствата на и загинатите и настраданите. Уште ние немаме јасна слика и дефиниција кој таму се гони, за што се гони и понатаму, очекувам сериозни проблеми во тоа обвинение.“Осврнувајќи се на содржината на обвинението, тој додаде: „Ако е тоа така, ако е унифицирано поставена равенката, односно кривичното дело, очекувам проблем во докажувањето, кои сега за сега не би го коментирал. Меѓутоа гледам, а по однос на поврзаноста на обвинетите и сообвинетите.“Според него, целиот процес се водел без јасна координација: „Останува впечатокот дека ние не се снајдовме баш најдобро во овој предмет. Прво требало да се мисли за надлежноста, навремено да се интервенира, навремено Врховниот суд да донесе одлука и така натаму.“На прашањето дали може да се очекува брза постапка со оглед на бројот на обвинети, Туфегџиќ одговори:„Како може да дојде до брза правда со триесет и четири обвинети во еден случај? Овој процес ќе трае. Мислам дека нашите политичари треба конечно да сфатат и некогаш нешто да научат од грешките на претходните“, додаде Туфегџиќ.„Брза правда не постои“, заклучи тој.ЦЕЛО ГОСТУВАЊЕ:

Македонија | пред 8 месеци

IMG_5515

Нов марш во Кочани: „Видете ми ги рацете, со нив работев за моето дете да стане човек, вие ми го одзедовте тоа право“

И оваа сабота, улиците на Кочани беа местото каде семејствата на трагично загинатите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ маршираа во тишина, со фотографии од своите најмили и солзи во очите. Единаесетти пат по ред, маршот е силна порака до институциите – дека правдата сè уште не е задоволена и дека вистинските виновници мора да одговараат.Учесниците повторно ги повикаа судиите да судат праведно и без одложување, а одговорните институции – конечно да дадат одговори на прашањата што веќе осум месеци стојат отворени.Како и секоја сабота, маршот започна точно во 18:05 часот од Паркот на револуцијата, продолжи низ трговскиот центар, пред зградата на Општина Кочани, а заврши пред Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството – симболично, пред институциите за кои семејствата веруваат дека сè уште молчат.И оваа сабота беа повторени сомнежите за сериозни пропусти во истрагата – од полициската интервенција вечерта на пожарот, преку недостатокот на кислород и материјали во болницата, па сè до, како што велат семејствата, одговорноста на локалните власти и инспекциските служби кои дозволиле дискотеката да работи иако немала лиценца.„Тоа нема да ни ги врати децата, но ако дискотеката беше затворена затоа што немала дозвола, тие ќе беа живи“, рече една од мајките. Другата, со кршлив глас, додаде: „Јас немам веќе дете. Едно имав – и тоа ми го зедоа“.Мајката на загинатиот диџеј од дискотеката, потресена, им се обрати на институциите:„Гледајте ги овие раце – со нив цел живот работев за моето дете да стане човек во оваа држава. А вие ми го одземавте тоа право.“Маршот „За ангелите“ стана повеќе од само протест – тој е симбол на упорноста, болката и силната волја на граѓаните да не дозволат трагедијата да биде затрупана под институционална рамнодушност. И секоја сабота потсетува дека општеството има обврска да ги слушне.

Македонија | пред 9 месеци

IMG_5572

Во Кривичниот суд во Скопје ќе се суди предметот за пожарот во „Пулс“, одлучи Врховен суд

Во Кривичниот суд во Скопје ќе им се суди на 34-та обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Ова е одлуката на Врховниот суд откако кочанскиот суд се иззема.„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, денес на 25 јуни 2025 годинa донесе Решение КР-35/25, со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по предметот КООА.бр.13/25 на Основен суд Кочани, оформен во врска со пожарот кој се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“, го определи Основниот кривичен суд Скопје“, велат од Врховниот суд.Нема судии во Кочани за евентуално судење за трагедијата. Сите петмина судии од Основниот суд во Кочани постапувале во прв или втор степен во постапката што се води за трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во која загинаа вкупно 62 лица.Штипска апелација даде мислење – ниту кочанскиот, ниту штипскиот ниту струмичкиот суд не исполнуваат услови да го ценат обвинението за пожарот во ноќниот клуб пулс. Па поради ова, сега Врховен ќе треба да пресече и да одлучи кој суд ќе биде надлежен да спроведе судење за грозоморниот пожар.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-24-at-21.27.16

(Видео) Бели балони за 62 изгубени животи: „Ова е опрост што не можевме да ве спасиме“

Дарко Златев, вујко на Надица – една од жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, објави видео посветено на 62-та млади што ги загубија животите. Во видеото, преживеаните и роднините пуштаат бели балони во небото како симбол на простување и вечна почит. Снимката е објавена по повод 100 дена од трагедијата.„Денес не стоите тука како жртви, туку како сведоци на една болка и љубов која никогаш нема да згасне. Вашите имиња се врежани во нашите срца, вашите насмевки се нашето светло“, се вели во видеото што ја потресе јавноста.Во својата објава, Златев напиша:„Ние сме децата што преживеавме една ноќ што никогаш нема да ја заборавиме. Ноќта кога небото се замрачи и срцата ни се распаднаа. Ноќта кога изгубивме 62 наши браќа и сестри, другари, пријатели, делови од нашите души.“Тој нагласува дека не се жртви, туку сведоци – на траума, но и на љубов што не згаснува.„Ви праќаме опрост. Опрост што не можевме да ве спасиме. Опрост што продолживме да живееме, додека вие останавте млади засекогаш.“Со болка, но и со завет, Златев додава:„Ќе живееме за вас. Ќе зборуваме за вас. Ќе се бориме за вистината и за правда – во ваше име.“„Секогаш ќе бидете со нас – во секоја солза, во секој здив, во секој чекор.“

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-24-at-12.27.08

„Те сакам, мајкино око. Многу, многу ми фалиш...“, мајката на загинатата Моника во „Пулс“, скршена од тага

„Те убија, мајкино…“ – со овие зборови започнува потресната објава на Верица Трифуновска, мајката на Моника Спасова, која трагично го загуби животот во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“. Нејзиниот статус, објавен 100 дена по трагедијата, е крик од дното на една уништена мајчинска душа, но и обвинение со адреса – кон системот, алчноста и бесчувствителноста.„Ја убија твојата убавина, твојата светлина што зрачеше како дијамант… Твојот живот насилно ти го одзедоа алчните и заслепени по материјалните добра“, напиша Трифуновска, додавајќи дека верува оти нејзината ќерка сега е најсветлиот ангел на небото.Во статусот нема место за простување:„Ладнокрвните убијци што те убија мајкино – ќе горат во пеколот. Нека уживаат сега во земниот живот, но во царството небесно за нив нема место.“Својата болка ја претвора во завет:„Додека сум жива – ќе се борам за твојата правда. Нема да дозволам твојата смрт да биде продадена.“Објавата на Верица е сведоштво за личната траума, но и за колективната одговорност – за животот што згасна, за системот што затаи, и за болката што нема крај.„Те сакам, мајкино око. Многу, многу ми фалиш...“ – завршува нејзината објава.

Коментари | пред 9 месеци

monika-spasova-brlog

„Ја изгоревте мојата внука – и очекувате да молчам?“: порака од Благојчо Ѓоргиев по трагедијата во Кочани

„Вашиот распаднат и корумпиран систем ми ја изгоре внуката, а ми велите да не барам правда? Грешка сте. Не само што ќе се борам, туку ќе им направам пат. Ако треба – нека ми биде последното нешто во животот.“Ова е дел од потресната објава на кочанчанецот Благојчо Ѓоргиев – Брлог од здружението „Хендикеп“, чија внука Моника Спасова, млада мајка, беше една од жртвите во трагедијата во дискотеката во Кочани.„Ми ја одзедовте внуката што со срце и душа се запиша на факултет за безбедност. Сонуваше за правда и чесна работа. Јас ја предупредив – во тој систем нема место за чесни. Сè е корумпирано, МВР е приватна фирма. Но, не сакаше да верува“, пишува Ѓоргиев.Моника завршила студии по криминалистика, но по завршената пракса, му се јавила разочарана:„Вујче, во сè беше во право. Јас никогаш нема да работам во вакво МВР. Сè што видов ме згрозува.“„Ме избра мене, вистината, затоа што никогаш не сум ја излажал. Ми рече: Секогаш ќе бидам на твоја страна“, завршува со болка Ѓоргиев.

Коментари | пред 9 месеци

tatko-sin-edinec

(Видео) „Излезете на следниот марш, ние сме тука за вие да не одите по гробишта како нас“, рече таткото кој изгуби син единец

Таткото, кој изгуби 21-годишен син единец во пожарот во „Пулс“, упати порака до жителите на Кочани, но и сите граѓани на државата, да излезат со нив и да ги преплават улиците на следниот марш кој ќе се одржи следната недела.Тој посочи дека се бори за другите деца, за да трагедијата не се повтори, бидејќи тој останал без ништо.„Немојте да се плашете, не се плашете од смртта, страшен е животот, овој кој го живееме. Како ќе живееме ние сега? 62 деца отидоа, моето дете отиде. Прашајте како живееме ние. Затоа кажувајте сите, да го преплавиме градот“, рече тој.Родителите и оваа сабота, упатија порака, дека чекаат одговори и правда.

Македонија | пред 9 месеци

kocani-mars

(Видео) Нов марш во Кочани – болката веќе не е тивка...

Во Кочани повторно маршираа родителите, роднините и пријателите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“. За разлика од претходните маршеви, одбележани со молк и тишина, денешниот доби поинаков тон – се слушаа исвиркувања.Од почетната до крајната точка на маршот, граѓаните ја пренесоа пораката дека трпението е при крај, а одговорноста за загубените животи – сè уште ја нема. Маршот почнува подоцна, како симбол на задоцнетата реакција на институциите.Маршот, достоинствен, јасно покажа дека болката повеќе не е тивка – таа веќе бара правда, не сочувство.

Македонија | пред 9 месеци

puls-38

Обезбедени средства за спомен-обележје во чест на младите жртви од „Пулс“

Со амандман поднесен и усвоен денес во Собранието, обезбедени се 2 милиони денари како почетни средства за изработка на идејно решение и отпочнување на активности за подигнување на спомен-обележје во Кочани, во чест на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“.Спомен-обележјето ќе биде поставено во централното градско подрачје на Кочани и ќе претставува тивок, но моќен симбол – сведоштво за загубата, потсетник за солидарноста и опомена дека ваква трагедија не смее никогаш да се повтори.

Македонија | пред 9 месеци

saport

Пристигна првата пратка компресивни костуми за повредените од „Пулс“, неопходи за лицата со длабоки изгореници и транспалтирана кожа

Организацијата „Сапорт Кочани“ денеска ја прими првата пратка со компресивна медицинска облека за повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Овие специјализирани костуми се наменети за жртвите кои претрпеа тешки изгореници и се од клучно значење за нивната долготрајна рехабилитација.Пратката пристигна од „Хелт2000“ – компанија од Бугарија, а облеката е од брендот „Јузо“ – водечки германски производител со долгогодишно искуство во компресивна терапија. Заедно со донацијата во Кочани пристигнаа и медицински стручњаци од Бугарија, Германија и Холандија, кои одржаа обука за правилна употреба на облеката.Компресивните костуми се медицинска неопходност за лица со длабоки изгореници и трансплантирана кожа. Тие го спречуваат развојот на хипертрофични лузни, ја намалуваат болката и го подобруваат квалитетот на животот во посттрауматскиот период. Без нив, пациентите може да се соочат со сериозни и трајни последици.Вредноста на првата пратка изнесува 923.458 денари и целосно е покриена од донации преку „Сапорт Кочани“. Организацијата информираше дека веќе се обезбедени средства и за втора тура облека, а упатија благодарност до сите кои помогнааВо пожарот што избувна во март годинава во дискотеката „Пулс“, загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени, од кои дел со тешки телесни и изгорени повреди. Рехабилитацијата на преживеаните е долга, скапа и комплексна, а јавноста сè уште бара одговорност за трагедијата.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-14-at-19.36.19

Потресен јавен апел од Кочани: „Клекнувам на колена – помогнете ми да ја одбранам смртта на мојот ангел!“

Со потресен јавен апел, Верица Трифунова – мајка на трагично загинатата Моника Спасова – повика на вклучување на Коалицијата за правично судење и и други невладини организации во борбата за, како што вели, правдата за нејзината ќерка и другите 62 загинати лица, кои не починале од болест, туку биле „убиени од корупцијата и криминалот“.Во нејзиниот апел, мајката директно ги повикува професорката Биљана Ивановска, професорот Злате Димовски и поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева да бидат дел од мониторинг-служба која ќе го надгледува целиот процес – од обвинителни акти до донесување на судски пресуди.„Професорке Биљана Ивановска и професоре Злате Димовски, еве јавно ве повикувам и од дното на душата ве молам да се вклучите во борба за правда на мојот убиен и пеплосан ангел Моника Спасова. Ве барам и на колена ви клекнувам за да ве замолам да бидете мониторинг служба и да надгледувате и следете сѐ што сѐ случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите, мојот ангел Моника Спасова не почина од болест, ја убија корупцијата и криминалот, таа ја имаше најголемата желба да се бори против тоа.... Но не сакаше да биде дел од таа криминална и коруптивна банда (мафија), и ете тие и го одзедоа невиниот нејзин живот, а нејзината ќеркичка доживотно ја осудија да расте без мајчинска љубов. Исто така почитувана Слаѓана Тасева, доколку сте во можност, ве повикувам и ве молам од дното на душава и вие да бидете вклучени во мониторинг служба над сите инволвирани, за да ми помогнете да ја одбранам смртта на мојот убиен анге. Таа никогаш не беше продадена душа, затоа сакам чесно и достоинствено да ја одбранам нејзината смрт, вистинските убијци да се изведат пред лицето на правдата....Моника мојот ангел сега е кај Бога, во рајот и заедно со него мислам дека се борат против злото и убијците на земниот живот, и не знам дали тие убијци не се плашат од судот Божји, и кога ќе дојде денот да се соочат со тој суд и со ангелите што ги убија. Моника е жива во мене и јас додека дишам ќе се борам за правда на мојот убиен ангел. Европска Унија барам финансиски да се вклучите и да бидете дел од мониторингот“, рече Верица Трифунова.Таа најави дека нема да застане со својата борба сè додека не ги види, како што рече, „вистинските убијци“ изведени пред лицето на правдата.

Македонија | пред 9 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања