Саудиска Арабија активира алтернатива: Нафтата оди преку Црвеното Море
Саудиска Арабија активира алтернативна рута за извоз на нафта, откако Иран го блокираше Ормускиот теснец – еден од најважните светски коридори за транспорт на енергенси.Според информациите на Bloomberg, т.н. нафтовод „Исток-Запад“ (Petroline) во моментов работи со максимален капацитет, пренасочувајќи значителни количини сурова нафта од Персискиот Залив кон пристаништето Јанбу на Црвеното Море.Преку оваа рута се транспортираат околу пет милиони барели нафта дневно, додека дополнително се извезуваат меѓу 700.000 и 900.000 барели рафинирани производи. Вкупниот капацитет на нафтоводот достигнува околу седум милиони барели дневно, од кои дел се користат за домашни рафинерии.Сепак, оваа алтернативна линија не може целосно да го надомести ударот од затворањето на Ормускиот теснец, низ кој пред конфликтот поминуваа околу 15 милиони барели нафта дневно – клучен дел од глобалното снабдување.Во меѓувреме, танкерските флоти се пренасочуваат кон Јанбу, што ја прави оваа рута една од најважните „артерии“ за светскиот енергетски пазар во моментот.Дополнителна неизвесност создаваат и заканите од јеменските Хути, кои најавија можно вклучување во конфликтот. Иако засега нема потврда за напади врз танкери во Црвеното Море и теснецот Баб ел-Мандеб, претходните напади со дронови и ракети во регионот ја зголемуваат загриженоста кај трговците и осигурителите.Саудиска Арабија, која со децении се позиционира како стабилен глобален снабдувач на нафта, го активирала овој план за итни ситуации веднаш по почетокот на американско-израелските напади врз Иран. Нафтоводот „Исток-Запад“, долг повеќе од 1.000 километри, е изграден токму како одговор на ризиците од претходни конфликти во регионот, вклучително и Иранско-ирачката војна.И покрај овие мерки, пазарите остануваат под притисок, а исходот ќе зависи од тоа колку долго ќе трае блокадата и дали конфликтот ќе се прошири и на други клучни енергетски точки.
Свет | пред 14 часа