Адвокатот на Штекли: Обвинителството не докажа ништо, постапката со сериозни пропусти
Со низа забелешки за, како што оцени, сериозни пропусти во постапката, одбраната на Раде Трајковски-Штекли ги изнесе завршните зборови пред судот, тврдејќи дека обвинителството не успеало да ја докаже обвинителната теорија.Адвокатот посочи дека обвинението не е поткрепено со релевантни докази и факти, нагласувајќи дека при претресот во возилото „ауди“ на обвинетиот не било пронајдено ништо сомнително.Дополнително, одбраната укажа на повреда на правата на обвинетиот, особено во делот на неговата здравствена состојба. Според адвокатот, судот прифатил вештачење од вештак, од кои едниот немал важечка лиценца, што, како што беше истакнато, сериозно ја доведува во прашање валидноста на доказите.„Во овој предмет со напори се обидувавме да докажеме дека неговата здравствена состојба не дозволува да следи вакво судење, дека поради психичката состојба не беше во можност активно да комуницира во текот на постапката. Без добра комуникација невозможно е да се разбере проблемот на обвинетиот“, истакна адвокатот.Одбраната нагласи дека обвинетиот не дал свој придонес во постапката не затоа што се чувствува виновен, туку затоа што не бил во состојба да учествува.Претходно, Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение против 10 лица, по истрага која траела речиси една година и вклучувала посебни истражни мерки. Според обвинението, станува збор за организирана група која се занимавала со набавка и продажба на кокаин и марихуана, со комуникација преку апликацијата „Снепчет“ и докази обезбедени преку системот „Селебрајт“.Дел од осомничените веќе склучиле спогодби со обвинителството и добиле затворски казни. Судењето за останатите продолжува.
Македонија | пред 2 дена