Цените на нафтата значително паднаа на светските пазари и се движат околу 95 долари за барел, како директна реакција на најавеното примирје меѓу САД и Иран, како и сигналите за делумна нормализација на транспортот низ Ормутски теснец.
На лондонскиот пазар, цената на Брент нафтата падна за 14,71 долари и изнесува околу 94,56 долари за барел, додека на американскиот пазар е забележан уште поголем пад – од 17,32 долари, со цена од 95,63 долари.
Пазарите првично беа во неизвесност поради најавите за можна воена ескалација, но пресврт донесе одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за двонеделно примирје, при што иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи најави дека пловидбата ќе се одвива во координација со иранската војска.
Според проценките, во Персискиот Залив во моментов се задржани меѓу 10 и 13 милиони барели нафта дневно, кои постепено треба да почнат да се движат низ теснецот. Пред конфликтот, преку Ормутскиот теснец минувале околу 20 милиони барели дневно, што го прави еден од најкритичните енергетски коридори во светот.
Падот на цените се пренесе и на европскиот пазар на дизел, каде цената на тон падна за повеќе од 300 долари во однос на претходниот ден.
Сепак, и покрај моменталното олеснување, аналитичарите предупредуваат дека двонеделното примирје е премногу кратко за целосно враќање на довербата на пазарите, а неизвесноста околу правилата за транзит низ теснецот останува клучен ризик за понатамошните движења на цените.