Американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за сложена воена операција во Иран, со цел извлекување на околу 450 килограми збогатен ураниум, објави Wall Street Journal.
Според информации од американски претставници, станува збор за исклучително ризична мисија која би можела да ги задржи американските сили на иранска територија со денови, па дури и подолго. Конечна одлука сè уште не е донесена, но Трамп, како што се наведува, е отворен за ова сценарио доколку тоа придонесе за спречување на развој на нуклеарно оружје од страна на Техеран.
Вашингтон во меѓувреме врши притисок врз Иран доброволно да го предаде нуклеарниот материјал како дел од можен договор за завршување на конфликтот. Во спротивно, се разгледува и опцијата за преземање со сила.
Според проценките, најголем дел од ураниумот се наоѓа во подземни објекти во Исфахан и Натанз, што дополнително ја комплицира евентуалната операција. За да се стигне до материјалот, американските сили би морале да дејствуваат под закана од ракетни и беспилотни напади, да го обезбедат теренот и да овозможат транспорт на материјалот со специјална опрема.
Експертите предупредуваат дека ваквата интервенција носи сериозен ризик од ескалација и може да доведе до продолжување на конфликтот, наместо негово скратување.
„Ова не е операција во која се влегува и се излегува за неколку часа“, оценуваат поранешни воени претставници.
Паралелно со воените подготовки, се разгледува и дипломатско решение, според кое Иран би го предал ураниумот без воена интервенција. Слични операции за отстранување на нуклеарен материјал во минатото биле спроведувани со меѓународна соработка.
Американското Министерство за одбрана подготвува повеќе сценарија, вклучително и ангажирање на брзи интервенциски единици и дополнително распоредување на копнени сили во регионот, со цел да му се овозможи на претседателот поширок избор на опции.