Во Бугарија утрово во 7 часот по локално време беа отворени избирачките места за осмите предвремени парламентарни избори од 2021 година наваму.
Право на глас имаат повеќе од 6,5 милиони граѓани, иако конечниот број ќе биде утврден по завршувањето на изборниот ден.
Гласањето се одвива на вкупно 11.995 избирачки места, меѓу кои и мобилни гласачки кутии за лица со попреченост, како и на 493 избирачки места во 55 држави низ светот.
Избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот, со можност гласањето да се продолжи до 21 часот таму каде што ќе има редици и гласачи кои се затекнати на местата.
Во изборната трка учествуваат 4.786 кандидати кои се борат за 240 пратенички места во 52-то свикување на Народното собрание. На изборите настапуваат 14 партии, 10 коалиции и еден независен кандидат.