Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Иран е пред финансиски слом поради поморската блокада што ја спроведуваат САД, оценувајќи дека Техеран губи околу 500 милиони долари дневно.
Во серија објави, Трамп посочи дека иранските власти „очајно“ сакаат повторно отворање на Ормутскиот теснец, бидејќи, како што наведе, остануваат без приходи.
„Иран финансиски се руши! Сакаат итно отворање на Ормутскиот теснец – гладни се за готовина! Губат 500 милиони долари дневно. Војската и полицијата се жалат дека не се платени. СОС!“, напиша Трамп.
Тој тврди и дека иранското раководство јавно се заканува со затворање на теснецот само за „да го спаси образот“, додека реално сака да биде отворен поради економската зависност од него.
Овие изјави доаѓаат откако Трамп најави продолжување на примирјето со Иран, но со задржување на блокадата на иранските пристаништа сè додека Техеран не достави, како што рече, „единствен предлог“ за завршување на конфликтот.
Од иранска страна, пак, за „Ројтерс“ е наведено дека Техеран е подготвен за разговори, но само доколку САД се откажат од политиката на закани. Иран одбива преговори што би значеле, како што велат, капитулација.
Дополнително, Техеран бара укинување на поморската блокада и ослободување на запленетиот брод под иранско знаме, што го смета за клучен услов за напредок во дипломатските напори.