Советот на јавните обвинители денеска едногласно ја одби иницијативата на јавната обвинителка Ленче Ристоска, во која таа тврдеше дека е изложена на политички притисоци и надворешни влијанија поврзани со нејзината работа на предмети.
Во образложението на Советот беше наведено дека изнесените наводи не се доволно конкретизирани за да се утврди реално влијание врз нејзината самостојност. Членката Маријана Илиевска посочи дека јавните изјави и напади, иако несоодветни, не биле директно поврзани со одлучувањето на обвинителката.
Советот заклучи дека нема докази за загрозување на професионалниот интегритет или за надворешно влијание врз работата на Ристоска.
На истата седница беа донесени и одлуки за распишување огласи за избор на јавни обвинители во повеќе обвинителства низ државата, по што продолжи разгледувањето на дисциплински предмети.
Претходно, Советот отвори постапка за да утврди дали јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски претставуваат притисок и нарушување на самостојноста на Ристоска.
Постапката беше покрената по нејзино писмено известување, во кое таа реагираше на изјавите во кои, како што тврдеше, била јавно наречена „медиокритет“ и поврзана со „клиентелистичко-политичка матрица“. Според неа, ваквите квалификации претставуваат обид за влијание врз нејзината работа.
Советот најави дека ќе постапува согласно Правилникот за заштита на самостојноста на јавните обвинители, со формирање тричлена комисија која требаше да ги утврди фактите и околностите и да побара изјаснување од засегнатите страни.
Изјавите на Мицкоски беа дадени во јавноста во контекст на неговите критики за ставовите на Ристоска околу измените на Кривичниот законик, по што обвинителката побара јавно извинување.
Тензиите дополнително се засилија откако Владата ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур, на која Ристоска беше меѓу највисоко рангираните, по што таа оцени дека е изложена на континуирани јавни напади и дискредитации поврзани со нејзината работа.
Откако премиерот Мицкоски ја нарекол Ленче Ристоска „медиокритет“, Советот на јавни обвинители отвори постапка
Советот на јавни обвинители отвори постапка за да утврди дали јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски претставуваат притисок и нарушување на самостојноста на јавна обвинителка Ленче Ристоска.Постапката е покрената по писмено известување од нејзина страна, која реагираше на изјавите во кои, како што тврди, била јавно наречена „медиокритет“ и поврзана со „клиентелистичко-политичка матрица“. Таа оцени дека ваквите квалификации се обид за влијание врз нејзината работа.Советот ќе се постапува според Правилникот за заштита на самостојноста на јавните обвинители. Според процедурата, ќе биде формирана тричлена комисија која ќе ги утврдува фактите и околностите, ќе собира информации и, доколку е потребно, ќе побара изјаснување и од обвинителката и од премиерот.Доколку комисијата утврди такво нарушување, Советот може јавно да го соопшти заклучокот и да го достави до надлежните институции.Изјавите на Мицкоски беа дадени во јавноста, во контекст на неговите критики за ставовите на Ристоска околу измените на Кривичниот законик, по што Ристоска побара јавно извинување.Тензиите меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и обвинителката се засилија откако Владата ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур, на која Ристоска беше меѓу највисоко рангираните. Таа тврди дека од тогаш е изложена на јавни напади и дискредитации, кои ги поврзува со нејзините професионални одлуки во тековни судски предмети.
Македонија | пред 2 месеци