Советот на обвинители ја одби Ленче Ристоска: Нема докази за политички притисоци
Советот на јавните обвинители денеска едногласно ја одби иницијативата на јавната обвинителка Ленче Ристоска, во која таа тврдеше дека е изложена на политички притисоци и надворешни влијанија поврзани со нејзината работа на предмети.Во образложението на Советот беше наведено дека изнесените наводи не се доволно конкретизирани за да се утврди реално влијание врз нејзината самостојност. Членката Маријана Илиевска посочи дека јавните изјави и напади, иако несоодветни, не биле директно поврзани со одлучувањето на обвинителката.Советот заклучи дека нема докази за загрозување на професионалниот интегритет или за надворешно влијание врз работата на Ристоска.На истата седница беа донесени и одлуки за распишување огласи за избор на јавни обвинители во повеќе обвинителства низ државата, по што продолжи разгледувањето на дисциплински предмети.Претходно, Советот отвори постапка за да утврди дали јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски претставуваат притисок и нарушување на самостојноста на Ристоска.Постапката беше покрената по нејзино писмено известување, во кое таа реагираше на изјавите во кои, како што тврдеше, била јавно наречена „медиокритет“ и поврзана со „клиентелистичко-политичка матрица“. Според неа, ваквите квалификации претставуваат обид за влијание врз нејзината работа.Советот најави дека ќе постапува согласно Правилникот за заштита на самостојноста на јавните обвинители, со формирање тричлена комисија која требаше да ги утврди фактите и околностите и да побара изјаснување од засегнатите страни.Изјавите на Мицкоски беа дадени во јавноста во контекст на неговите критики за ставовите на Ристоска околу измените на Кривичниот законик, по што обвинителката побара јавно извинување.Тензиите дополнително се засилија откако Владата ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур, на која Ристоска беше меѓу највисоко рангираните, по што таа оцени дека е изложена на континуирани јавни напади и дискредитации поврзани со нејзината работа.
Македонија | пред 10 часа