Од полноќ стапија на сила новите максимални малопродажни цени на нафтените деривати, кои ги утврди Регулаторната комисија за енергетика, согласно измените на Законот за данок на додадена вредност и примената на повластена стапка од 10%.
Според одлуката, бензините не претрпеа промени, додека дизелот и останатите деривати се поскапени.
ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по 86,50 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 по 88,50 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) е поскапен за 3,50 денари и сега изнесува 95,50 денари за литар. Маслото за горење екстра лесно (ЕЛ-1) е зголемено за 2,50 денари и се продава по 92,00 денари за литар, додека мазутот М-1 НС достигна 47,610 денари за килограм.
Од Регулаторната комисија потенцираат дека станува збор за максимални цени, што остава можност трговците да понудат и пониски износи.
Со оваа одлука, цените на нафтените деривати се зголемени во просек за 1,39 проценти во споредба со претходната одлука.
Како главна причина се наведуваат растот на референтните цени на светските пазари, каде значително зголемување има кај сите деривати, како и растот на курсот на доларот.
Од Комисијата нагласуваат дека повластената ДДВ стапка од 10% ја ублажила ценовната состојба, бидејќи со стапка од 18% бензините и дизелот би биле значително поскапи.