Претседателот на Украина Володимир Зеленски денес во Никозија изрази благодарност до Европската Унија за доделениот кредит од 90 милијарди евра за Украина и за воведувањето нов пакет санкции против Русија.
„Многу сме благодарни за денешниот голем напредок: пакетот помош од 90 милијарди и пакетот санкции, што е исто така одличен сигнал. Ќе работиме средствата да стигнат што е можно побрзо“, рече Зеленски во заедничкото обраќање со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Кипар.
Тој нагласи дека тоа ќе овозможи украинската армија да се зајакне и подобро да се подготви за следната зима.
„Ова е важно за нас и тоа, секако, ќе ја зајакне нашата војска, украинските сили и ќе ни овозможи да го зголемиме производството на системи за противвоздушна одбрана и повеќе да работиме на заштита на нашиот енергетски систем пред зимата. Заедно ќе решиме многу прашања поврзани со заштитата на животите. И, секако, ќе продолжиме да работиме на тоа Русија да се насочи кон вистинска дипломатија за да заврши овој војна“, рече украинскиот лидер.
Претседателот на Европскиот совет претходно денеска најави деблокирање на кредитот за поддршка на Украина за 2026–2027 година и усвојување на 20-тиот пакет санкции против Русија.