Италија, земја позната по „слаткиот живот“, се соочува со сериозен еколошки проблем: највисоки локални концентрации на опасни PM2.5 честички во Европа, покажува најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (EEA). Овие ситни честички прашина продираат длабоко во белите дробови и крвотокот и се поврзуваат со сообраќај, индустриски постројки, согорување фосилни горива и шумски пожари.
Според податоците за периодот 2024–2025 година, највисоки годишни просечни вредности се измерени во јужна Италија. Градовите Ceglie Messapica и Torchiarolo забележале 117 и 113 микрограми на кубен метар, што значително ја надминува дозволената граница на Европската унија од 25 микрограми.
Експертите објаснуваат дека зимското согорување на биомаса, особено во домашни печки и камини, има клучна улога во наглите зголемувања на загадувањето. Дополнително, атмосферските услови во студените месеци го отежнуваат разнесувањето на штетните честички поради пониските слоеви на атмосферата кои ја задржуваат загаденоста блиску до земјата.
Освен јужниот дел, сериозен проблем е и северна Италија, како индустриски центар со високи годишни концентрации на честички кои се приближуваат до граничните вредности. Извештајот посочува дека надминувања на европските стандарди се регистрирани и во други земји, меѓу кои Полска, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Романија и Турција.
Загрижувачки податоци се забележани и во Данска, каде во Копенхаген е измерена исклучително висока концентрација, што укажува дека проблемот со загадувањето не е ограничен само на индустриски или јужноевропски региони.
Извештајот укажува и на поврзаноста меѓу долготрајната изложеност на PM2.5 честички и зголемена смртност, при што најпогодени се земјите од Балканот и источна Европа. Италија е меѓу земјите со повисоки стапки, додека најниски вредности се регистрирани во северна Европа.
И покрај одредени подобрувања, повеќе од девет од десет Европејци се изложени на нивоа на загадување над препораките на Светската здравствена организација, која поставува многу построга граница за PM2.5 честичките.
Европската агенција за животна средина предупредува дека покрај PM2.5, значајни загадувачи се и PM10 честичките, како и приземниот озон и бензо(a)пиренот, кои дополнително го загрозуваат здравјето.
Експертите препорачуваат ограничување на проветрување во периоди на сообраќаен пик, користење прочистувачи на воздух и избегнување активности на отворено кога загадувањето е високо, како и следење на податоците во реално време преку апликации.