Со одлука на Програмскиот совет на ЈРП Македонска радио-телевизија, за директор на МРТВ е избран Зоран Ристоски од Скопје, дипломиран правник, се наведува во официјалната одлука.
Во одлуката се посочува дека директорот се избира за период од три години со можност за повторен избор, а мандатот започнува од 24 април 2026 година.
Како што е наведено, изборот е извршен по спроведен јавен конкурс распишан на 24 март 2026 година, кој бил објавен на програмите на МРТВ, веб-страницата и во дневни весници, согласно законските и статутарните одредби.
Во образложението се наведува дека по завршување на конкурсот и разгледување на пристигнатите пријави, членовите на Програмскиот совет спровеле гласање и со мнозинство гласови го избрале Ристоски.
Според одлуката, тој понудил најдобро оценета програма за работа, која опфаќа развој на програмските сервиси, зголемување на сопствената продукција, зајакнување на дописничката мрежа, дигитална трансформација, технолошка модернизација и финансиска стабилност.
Во документот се наведува и дека се земени предвид професионалните квалификации, менаџерското искуство и организациските способности на избраниот кандидат.
Одлуката стапува на сила со обврска за нејзино доставување до надлежните сектори и служби во рамки на МРТВ.