Македонската радио-телевизија (МРТВ) го распиша конкурсот за избор на нов генерален директор и заменик директор, со што започнува процесот за избор на ново раководство по повеќе од една деценија, откако Марјан Цветковски 15 години беше на директорската позиција, а Захарија Вулгаракис на функцијата заменик директор.
Конкурсот доаѓа со задоцнување, иако требаше да биде објавен пред неколку месеци, а неговото пролонгирање, меѓу другото, беше поврзано и со изборот на новиот Програмски совет на МРТ.
Сега следува фазата на пријавување кандидати, при што условите се релативно општи: кандидатот да има завршено високо образование, да достави програма за работа, да поседува искуство во области како новинарство, информатика, право, култура или економија, како и најмалку четири години раководно искуство.
Иако конкурсот штотуку е распишан, во јавноста веќе се споменуваат две имиња како „сигурни“. За директорската позиција неофицијално се посочува Зоран Ристевски, кој не е познат во медиумската фела, додека за заменик директор се споменува Џулијани Шабани, за кого дел од медиумите на албански јазик наведуваат дека доаѓа од редовите на „Влен“. Според тие информации, Шабани е видео-монтажер и графичар со искуство и во маркетинг. За Ристевски нема повеќе достапни јавни информации до кои можевме да дојдеме во овој момент. Овие информации засега не се официјално потврдени.
На темата избор на директор на МРТВ, „Скопје1“ уште пред речиси една година побара став од повеќе јавни личности чии имиња тогаш се споменуваа во јавноста, но дел од нив тогаш негираа дека имаат амбиции, други воопшто не биле запознаени со конкурсот за директор.
Новинарот Борјан Јовановски тогаш изјави: „Јас лично и понатаму сметам дека јавниот тв сервис е единствената медиумска платформа која на општество може да му ја донесе неопходната медиумска писменост. За продукцијата на МТВ работев серијал репортажи за улогата и значењето на јавните ТВ сервиси во шест земји во Европа. Во сите шест ситуации станува збор за јавни сервиси кои се исклучително ценети во тамошната јавност како информативни и едукативни институции. Се надевам истите ќе бидат емитувани наскоро на МТВ. Како новинар, но и син на татко и мајка кои своите кариери ги завршија на МТВ, од срце посакувам МРТВ да го ужива угледот на јавните сервиси кои го посетив. Лично сметам дека моите новинарски перформанси би можеле да се реализираат единствено во рамките на еден високо квалитетен јавен тв сервис, но лично ниту сум имал ниту имам амбиција за било каква раководна функција во МРТВ“.
Во истиот период, новинарката Лупевска изјави: „Освен румори ништо друго немам чуено на оваа тема“.
Пејачката Бојана Скендеровски тогаш посочи: „Немам амбиции за директорска позиција и нема да аплицирам на конкурсот“.
Ивона Талевска тогаш изјави: „Сѐ уште размислувам“.
Режисерот и директор на Алфа ТВ, Јани Бојаџи, пак, одговори: „Јас сум бил извршен продуцент на Канал 5 национална телевизија во нејзините најуспешни четири продукциски години, впрочем моето име е сѐ уште на сите кредити на продукциите таму. Веќе шеста година сум главен извршен директор на Алфа национална телевизија која во овој момент има двојно поголем рејтинг од МРТ. Моите лични амбиции секогаш се насочени кон поголеми достигнувања од тие што сум ги остварил. Ти благодарам за интересот за моите професионални ангажмани“.
Конкурсот за избор на директор и заменик директор на МРТВ ќе трае 15 работни дена.