Сериозен технички проблем бил причината поради која Македонската радио-телевизија (МРТ) вчера не ги емитувала редовните телевизиски дневници во 17:00, 19:30 и 22:30 часот, соопштија од јавниот сервис.
„Се врши проверка дали станува збор за намерен упад во мрежниот систем, поради постоечки сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија“, се наведува во официјалното соопштение од МРТ.
Од телевизијата додаваат дека во истрагата и расветлувањето на настанот ќе бидат вклучени сите надлежни државни институции, а во меѓувреме се преземаат мерки за стабилизирање на системот и нормализирање на емитувањето.
Јавниот сервис им се извини на гледачите поради прекинот во програмата и неможноста да ги следат централните информативни изданија, нагласувајќи дека МРТ ќе продолжи да известува навремено, објективно и во интерес на јавноста.