Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, соопшти дека добил упатен акт за издржување на затворската казна, иако, како што тврди, сѐ уште не му е врачена правосилната пресуда.
Тој изјави дека треба да се јави во затворот „Скопје“ во Шутка најдоцна до 2 јули, но оцени дека одолговлекувањето на постапката пред Врховниот суд и неврачувањето на пресудата се резултат на политички притисоци од актуелната власт.
Апелацискиот суд во Скопје неделава ја потврди едногодишната затворска казна за Јакимовски за кривичното дело бесправно градење, поврзано со бараката во која до септември минатата година беше сместена Општина Карпош. Бидејќи претходно поминал речиси пет месеци во притвор, нему му преостануваат уште околу седум месеци затворска казна.
Јакимовски смета дека правосилноста на пресудата има за цел да го спречи повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош, особено ако дојде до предвремени избори поради отсуството на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски.
Тој информираше и дека поднел барање за одложување на извршувањето на казната поради здравствени причини.
Инаку, Апелацискиот суд ја укина тригодишната затворска казна за злоупотреба при издавање уверенија за општинската барака, оценувајќи дека во обвинението не биле содржани суштинските елементи на кривичното дело. Дел од предметот повторно ќе се врати на судење, при што Јакимовски повторно ќе се соочи со обвинение за злоупотреба на службената положба.
„Ова е прв и единствен случај некој во Македонија да оди во затвор за дивоградба“, изјави Јакимовски, апелирајќи Врховниот суд да не подлегне на притисоци.