Јамајка во понеделник ќе му врачи петиција на кралот Чарлс со која бара правно разгледување на прашањето за репарации поради ропството, потврди министерката за култура Оливија Грејнџ.
Владата од кралот, кој е и шеф на државата Јамајка, ќе побара до Судскиот комитет на Тајниот совет, највисоката судска инстанца на земјата, да упати три прашања поврзани со законитоста на поробувањето на Африканците.
Прашањата се однесуваат на тоа дали поробувањето на Африканците на Јамајка било законско според англиското право, дали со него било прекршено меѓународното право и дали Велика Британија денес има правна обврска да обезбеди отштета.
Грејнџ нагласи дека петицијата сама по себе не претставува барање за исплата на пари, туку треба да помогне да се утврди дали постои правна основа за понатамошни чекори.
„Кога ќе ги добиеме одговорите или реакцијата на овие прашања, ќе ги утврдиме следните чекори“, изјави министерката.
Од Бакингемската палата соопштија дека тесно соработуваат со генералниот гувернер за да се обезбеди петицијата да биде соодветно поднесена. Оттаму наведоа дека кралот повеќепати ја изразил својата лична посветеност кон подобро разбирање на прашањата поврзани со ропството и изнаоѓање начини за справување со историските неправди.
Ропството во поголемиот дел од Британската империја било укинато во 1833 година. Тогаш британската влада им исплатила 20 милиони фунти на сопствениците на робови како отштета, а кредитите земени за исплатата биле целосно отплатени дури во 2015 година.
„Британија до 2015 година им плаќаше на сопствениците на робови затоа што нè сметаа за имот“, рече Грејнџ, додавајќи дека сега се поставува прашањето дали треба да се бара правна отштета за луѓето кои биле третирани како имот.
Јамајканската влада паралелно разговара и за враќање на артефакти однесени од земјата во периодот на колонијализмот. Грејнџ треба да се сретне со претставници на Британскиот музеј, со цел да се унапредат разговорите за враќање на предметите за кои вели дека се важен дел од историјата на Јамајка.
Прашањето за репарациите не е ново. При посетата на Јамајка во 2015 година, тогашниот британски премиер Дејвид Камерон ја отфрли можноста за исплата на отштета за британската улога во трговијата со робови, но ропството го опиша како „одвратно во сите негови облици“.