Премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, изјави дека островската држава е тешко погодена од ураганот Мелиса, но увери дека ќе ја обнови земјата „уште подобро отколку што беше“.
Во објава на социјалните мрежи, Холнес им се обрати на своите сограѓани со порака на надеж и солидарност, нагласувајќи дека владата веќе се мобилизира за помош и реконструкција.
„Знам дека многумина, особено оние во најтешко погодените области, се чувствуваат обесхрабрено. Вашите домови можеби се оштетени или уништени, вашите заедници и градови не изгледаат исто. Ја чувствувам вашата болка и го разбирам вашиот губиток. Брзо се активираме за да започнеме со акциите за помош и обнова – и ќе бидеме со вас на секој чекор од патот“, порача Холнес.
Во меѓувреме, медиумите јавуваат за огромна штета во меѓународниот аеродром Сангстер во Монтего Беј, каде што силните ветрови и дождови оштетиле делови од инфраструктурата.
Жителот Шевоун Браун за Sky News раскажа дека додека ураганот ја погодувал Јамајка, тој и неговата трудна сопруга биле преплашени.
„Навистина беше страшно. Моментално сме без струја и вода. Зборови не можат да го опишат тоа... Првпат сведочиме на вакво разорно невреме за толку кратко време“, изјави Браун.
Тој додаде дека невремето се засилило невообичаено брзо – од тропска бура до ураган од петта категорија – и дека жителите на островот едвај успеале да соберат резерви од храна и вода. „Помагав и во евакуацијата на неколку лица во засолништа“, рече Браун, додавајќи дека неговата сопруга е многу вознемирена и дека „надворешните шокови може да предизвикаат предвремено породување“.