Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, соопшти дека сите наставници ќе ги задржат работните места, и покрај значителното намалување на бројот на ученици во изминатите години.
Според неа, Владата презема конкретни политики и мерки за зачувување на работните места во образованието, меѓу кои се воведувањето едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Целта, како што посочи, е наставниците да имаат дополнителни активности, полн фонд на часови и редовна плата.
Јаневска информираше дека во овие процеси добиваат поддршка од УНИЦЕФ и Светска банка.
Таа посочи дека бројот на ученици во државата е значително намален, додавајќи дека само минатата година во 147 подрачни училишта немало ниту еден запишан ученик.
Во објавата, министерката ја обвини претходната Влада за, како што наведе, лоши политики што придонеле за иселување на младите и намалување на наталитетот.
„Во претходните седум години бројот на ученици е намален за 17.000“, наведе Јаневска, додавајќи дека многу млади луѓе одлучиле да ја напуштат државата или да го одложат формирањето семејство.