Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска учествуваше на научната конференција „Креирај дома, продавај глобално“, со која беше означено отворањето на Технолошкиот парк Н99.
На панел-дискусија посветена на образованието и дигиталната трансформација, таа истакна дека образовниот систем веќе се менува со цел младите да стекнат вештини потребни за идната економија. Според неа, Министерството за образование и наука активно ги следи глобалните трендови и ги интегрира вештините на 21. век во наставата, уште од основното и средното образование.
Јаневска нагласи дека вештачката интелигенција веќе се применува во училниците, додавајќи дека е изработен водич за нејзина етичка и безбедна употреба во соработка со државни и приватни факултети од областа на информатиката. Документот е наменет за наставници, ученици и родители, со цел заштита на личните податоци и препознавање на злоупотреби.
Таа посочи дека наставниците веќе се обучени и дека во училиштата постојат ментори кои го пренесуваат знаењето, додека дел од образовните установи се опремени со модерна технологија и безбеден интернет, процес што ќе продолжи и во иднина.
Министерката додаде дека Македонија се приклучува кон глобалните напори за одговорна примена на вештачката интелигенција, потсетувајќи дека државата ја потпишала Рамковната конвенција на Советот на Европа за оваа област. Таа оцени дека промените на пазарот на трудот се неизбежни, но дека одредени професии, како наставниците и докторите, ќе останат незаменливи.
Осврнувајќи се на развојните политики, Јаневска рече дека земјата има усвоено Стратегија за паметна специјализација со поддршка од Европската Унија, со четири приоритетни области: паметно земјоделство, паметно градежништво, туризам и информатичко-технолошкиот сектор.
Таа најави и зголемени инвестиции во науката, истакнувајќи дека е обезбеден рекорден буџет за научноистражувачки проекти и дека средствата во последните две години се удвоени.
Јаневска посочи дека научно-технолошките паркови се клучна врска меѓу образованието, науката и бизнис-секторот, додавајќи дека Владата работи на проект за основање на првиот државен научно-технолошки парк, кој според најавите треба да започне со работа следната година.