Опозициската Левица ја обвини министерката за образование и наука, Весна Јаневска, дека листите за прием во државните студентски домови не се објавени на начинот предвиден со Правилникот за начинот на прием на студентите.
Од Левица велат дека Јаневска денеска ги отфрлила наводите за неправилности при приемот во студентските домови и ги оценила како ширење „лажни вести“, но дека самиот Правилник, кој според партијата го донела и потпишала министерката, предвидува објавување на освоените бодови.
Партијата се повикува на член 13 од Правилникот, според кој списокот на студентите „со добиените бодови“ треба да биде објавен на интернет-страницата на Министерството за образование и наука и на интернет-страниците на студентските домови. Од Левица посочуваат и на член 14, кој предвидува изготвување и објавување на списокот на примените студенти согласно со претходниот член.
Според нив, на објавените листи се наведени податоци за примените кандидати, но не и бројот на освоени бодови врз основа на кои е направено рангирањето.

„Каде се бодовите?“, прашуваат од Левица, оценувајќи дека без објавениот број на бодови студентите не можат да проверат како е направено рангирањето, зошто одреден кандидат е примен или одбиен и каде е поставена границата за прием.
Од партијата наведуваат дека Правилникот предвидува бодување според повеќе критериуми, меѓу кои успехот, семејната и материјалната положба и редовноста во студирањето, со утврдени формули и максимум од 100 бодови.
Левица во соопштението се повикува и на наод од Државниот завод за ревизија за конкурсот за студентските домови за учебната 2022/2023 година. Според нив, ревизорите тогаш не добиле документација со која се потврдува дека Министерството извршило бодување, а при проверката било утврдено дека пријавите биле обработувани рачно и внесувани во табели во „Ексел“.
Од Левица тврдат дека ваквата практика можела да создаде простор за субјективно постапување и фаворизирање на одредени студенти.
Партијата ја обвини Јаневска и дека и претходно давала, како што велат, неточни изјави во врска со субвенционираниот студентски оброк. Според Левица, министерката тврдела дека износот бил зголемен откако ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт, додека во објавениот повик бил предвиден износ од 140 денари, за кој партијата тврди дека е ист како во 2023 година.
Од Левица заклучуваат дека поради овие прашања е доведен во прашање кредибилитетот и точноста на јавните тврдења на министерката.