Првиот том на Македонскиот етимолошки речник е дело од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката. Целиот проект за прв ваков речник е доказ дека кога државата вложува во наука, а научните работници со посветеност истражуваат и создаваат нови вредности, тогаш имаме значајни и трајни резултати, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на промоцијата на Речникот којшто е еден од научно-истражувачките проекти што беа финансирани во 2025 од буџетски средства. Негов автор е професор д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука има полна поддршка од Владата да ги зголемува вложувањата во научни истражувања. Лани со 374 милиони денари беа финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети и факултети, на научните институти и на МАНУ, а во наредниот период ќе се вложуваат уште повеќе пари во науката и истражувањата.
Минатата година буџетот за наука беше речиси двојно поголем од 2024 и изнесуваше 680 милиони денари, а оваа година се обезбедени 773 милиони денари. „Македонија мора да се сврти кон науката ако сакаме да направиме исчекор од досегашниот тек на работите во сите сфери. Премногу долго сме заробени во инерција, навики и модели што не носат напредок. Светот, па и регионот, одат напред со брзи чекори, а ние не смееме да си дозволиме само да ги гледаме“, укажа министерката Јаневска.
Финансирањето на издржани научни проекти веќе нема да биде проблем. Заедно со новите закони за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование ќе се создаде добра основа за развој на науката и истражувањата и важно е само научниците и професорите да сакаат да творат.