Мајка на две девојчиња со аутизам јавно бара одговор од надлежните институции откако нејзините деца ја започнале учебната година во редовно училиште без обезбедени образовни асистенти. Мартина Младеновски вели дека веќе неколку дена мора лично да седи со своите ќерки на училиште, наместо тие да ја добијат стручната поддршка што им е потребна.
Девојчињата годинава првпат започнале да посетуваат редовно училиште, што за нив значи промена на средината, луѓето и секојдневната рутина. Но, наместо семејството да се фокусира на нивното приспособување и учење, мајката вели дека е принудена да биде со нив за време на наставата.
„Не знам веќе по кој пат треба да се обратам и на која врата да тропнам за некој конечно да го слушне ова што го зборуваме ние родителите на деца со попреченост“, вели Младеновски.
Според неа, за двете девојчиња не се обезбедени образовни асистенти, а дополнително им било кажано дека им следува само еден асистент.
„Одговорот што го добиваме е дека се чека одобрение од МОН, па потоа ООУ ‘Златан Сремец’ треба да распише конкурс и да ги ангажира асистентите. Предавање на топката исто како и секогаш“, вели таа.
Младеновски нагласува дека ги разбира административните процедури и ограничувањата на училиштето, но посочува дека нивното времетраење директно се одразува врз децата.
„Децата не можат да чекаат администрацијата да си ја заврши работата“, вели таа.
За децата со попреченост, додава мајката, промената на рутината и постојаното менување на лицата кои им даваат поддршка може дополнително да го отежнат приспособувањето.
„На овие деца им треба сигурност, позната личност, доверба и континуитет. Не може денес еден човек, утре друг, задутре трет и да очекуваме детето само да се приспособи“, посочува Младеновски.
Таа вели дека како мајка ќе биде покрај своите деца секогаш кога е потребно, но смета дека не може врз родителот да се префрли и обврската што треба да ја исполни системот.
„Не можам јас да бидам и мајка и образовен асистент и терапевт и организатор и човекот што секојдневно ќе се бори со институциите“, вели таа.
Младеновски отворено зборува и за товарот што го носи семејството надвор од училиштето.
„Толку долго функционирам исклучиво како мајка, како некој кој се грижи за секоја потреба на своите деца, што понекогаш имам чувство дека одамна престанав да функционирам како човек, туку само како нивна мајка“, пишува таа.
Нагласува дека не бара привилегиран третман, туку услови во кои нејзините деца ќе можат рамноправно да го остваруваат своето образование.
„Не барам привилегија. Не барам ништо повеќе од другите. Барам моите деца да го добијат она што им е потребно за да можат рамноправно да одат на училиште“, вели Младеновски.
Според неа, случајот со нејзините две ќерки не е изолиран и со проблеми околу обезбедувањето поддршка се соочуваат и други родители на деца со попреченост.
Таа најавува дека јавно ќе продолжи да бара одговор и решение од надлежните институции.
„Ќе пишувам, ќе се обраќам и ќе барам одговор додека не се најде решение. Моите деца заслужуваат да бидат ученици, а не да бидат оставени да чекаат системот да одлучи кога ќе има време за нив“, порача Младеновски.