Американскиот претседател Доналд Трамп влегол во судир со првиот архитект ангажиран на проектот за изградба на нова сала за балови во Белата куќа, откако архитектот предупредил дека првичните планови не ги исполнуваат одредени стандарди за заштита од пожар и безбедност, објави „Вашингтон пост“.
Архитектот Џејмс Макрери Втори се повлекол од проектот во октомври минатата година, откако повеќепати предупредувал дека во проектот нема доволно излези за евакуација и соодветни мерки за спречување на ширењето на пожар. Според лица запознаени со разговорите и документите до кои дошол весникот, Трамп ги отфрлил неговите забелешки и рекол дека градежните прописи не се применуваат на работите во Белата куќа.
„Јас сум прописот“, рекол Трамп, според наводите на изворите.
Документите што ги разгледал „Вашингтон пост“, меѓу кои и раните нацрти на салата и фотографии со рачно напишани забелешки од Трамп, покажуваат дека претседателот бил директно вклучен во различни детали од проектот. Неговите забелешки се однесувале на големината на салата, распоредот на просториите, столбовите, вратите и скалите.
Според документите и изворите на весникот, проектот имал и други недостатоци. Во салата немало доволно тоалети за предвидениот максимален број посетители, а еден од првичните нацрти предвидувал само седум кабини во женскиот тоалет.
На состанокот во Белата куќа на 30 септември 2025 година, посебно биле разгледувани прашањата поврзани со безбедноста на луѓето.
„Вашингтон пост“ наведува дека сојузните институции кои вообичаено ја надгледуваат изградбата и реконструкцијата на објектите на Белата куќа имаат законска обврска, во најголема можна мера, да ги почитуваат национално признаените безбедносни стандарди, освен ако нивната примена би претставувала ризик за националната безбедност.
Сепак, работите на новата сала се водат преку Извршната резиденција на Белата куќа, која не е сојузна агенција и не подлежи на истите правила. Локалните власти во Вашингтон немаат надлежност да ги применуваат градските градежни прописи на сојузниот имот.
Главниот изведувач на проектот, компанијата „Кларк констракшн“, соопштила дека доследно ги почитува важечките градежни прописи и стандардите за безбедност на луѓето.
Белата куќа ги отфрлила тврдењата дека заминувањето на Макрери било поврзано со прашања околу градежните прописи. Оттаму навеле дека безбедноста и заштитата од пожар биле приоритет од самиот почеток и дека изгледот на објектот немал предност пред тие стандарди.
Белата куќа, исто така, соопштила дека прашањата поврзани со безбедноста биле „континуирано решавани“ со развојот на проектот.
Макрери подоцна бил заменет со архитектонската фирма „Шалом Баранес асошиетс“, но „Вашингтон пост“ наведува дека од документите што ги разгледал не е јасно дали безбедносните проблеми на кои укажал првиот архитект биле решени во поновите верзии на проектот. Фирмата не сакала да ги коментира наводите на весникот.
Новата сала за балови е еден од најскапите градежни проекти што Трамп ги започнал во Вашингтон. Американскиот претседател ја опишал како „подарок за американскиот народ“, додека според претходен извештај на „Вашингтон пост“, трошоците би можеле да достигнат стотици милиони долари над сумата што јавно ја наведувала администрацијата. Околу половина од трошоците, според тој извештај, би требало да ги покријат американските даночни обврзници.
Според нацртите, салата би требало да има раскошно уредување со позлатени детали, по примерот на салата во комплексот „Мар-а-Лаго“ на Трамп во Флорида, која претседателот претходно ја опишувал како инспирирана од Версајската палата.
Буџетот од март предвидувал речиси шест милиони долари за златни листови, а проектот опфаќа и подземни објекти за кои Трамп тврди дека се неопходни поради националната безбедност.
Макрери, архитект специјализиран за класична архитектура и професор на Американскиот католички универзитет, почнал да работи на проектот во април 2025 година. Според документите што ги разгледал „Вашингтон пост“, Трамп во текот на пролетта и летото често разговарал со него со часови за деталите од проектот, а архитектот го контактирал и телефонски за да му ги пренесе своите замисли.
Според првичниот план, нацртите требало да бидат завршени на почетокот на јуни 2026 година. Сепак, сегашни и поранешни претставници на администрацијата кон крајот на август му изјавиле на „Вашингтон пост“ дека Трамп продолжил да го менува проектот и откако започнале градежните работи. Белата куќа навела дека измените продолжуваат во текот на изградбата и главно се однесуваат на внатрешното уредување.