Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд во европските престолнини веќе не се доживуваат како обична политичка реторика, туку како реална и сериозна можност. Политичките елити, кои до неодамна ги игнорираа засилените изјави од Вашингтон, сега интензивно бараат начин како да се спречи вакво сценарио, објави Политико.
„Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација“
Според дипломатски извори од Европската Унија, ситуацијата е оценета како алармантна.
„Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација со Трамп. Тој е агресивен и Европа мора да биде подготвена“, изјавил еден европски дипломат запознаен со разговорите.
Тензиите дополнително се зголемија откако американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека наредната недела ќе разговара со дански претставници за можноста САД да го преземат Гренланд. Од Белата куќа беше порачано дека преферираат преговори, но дека воена опција не е целосно исклучена.
Како одговор, европските дипломатски активности значително се засилија. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро потврди дека со колегите од Германија и Полска разговарал за заеднички европски одговор. „Прашањето е како Европа, односно ЕУ, да се зајакне за да ги одврати заканите кон својата безбедност и интереси. Гренланд не е на продажба и не е за преземање“, изјави Баро.
Четири опции што ги разгледува Европа
Според анализата на Политико, меѓу европските политичари и дипломати доминира чувство на немоќ, но на маса се ставени четири можни сценарија.
1. Потрага по компромис
Трамп ги оправдува своите барања со „витални безбедносни интереси“ на САД и тврди дека Данска не прави доволно за заштита на Гренланд од руско и кинеско влијание на Арктикот. Едно преговарачко решение, кое би му овозможило на Трамп политичка победа, а на Данска и Гренланд зачувување на достоинството, се смета за најбрз излез од кризата. Се разгледуваат идеи за зголемени воени вежби, повисоки трошоци за одбрана и дури формирање „стража“.
2. Финансиска поддршка за Гренланд
Администрацијата на Трамп отворено го поддржува движењето за независност на Гренланд, со идеја островот подоцна да склучи договор со САД. Како контра, ЕУ и Данска подготвуваат финансиски пакет. Според нацрт-предлог на Европската комисија, европските средства за Гренланд од 2028 година би се зголемиле на околу 530 милиони евра, со дополнителни фондови за развој на инфраструктура и рударство, со цел Гренланѓаните да се одвратат од американската понуда.
3. Економски против-удар
ЕУ располага со т.н. Инструмент против присила – механизам за возвратни трговски мерки. Со оглед дека Унијата извезува над 600 милијарди евра годишно во САД, а кај дел од производите има доминантен пазарен удел, Брисел би можел да изврши сериозен економски притисок. Сепак, останува дилемата дали Трамп би го сфатил тоа како реална закана.
4. Воено присуство
Ако САД се решат за воена акција, европските опции се најограничени. Според трајната наредба на Данска од 1952 година, во случај на напад врз данска територија, армијата мора веднаш да одговори. Некои дипломати предлагаат европски сили, на барање на Данска, да бидат распоредени на Гренланд како средство за одвраќање, иако е јасно дека таков потег носи сериозен ризик и потенцијални човечки жртви.
Како што заклучува Политико, Европа се соочува со преседан без јасен историски пример – сценарио во кое мора да ја брани сопствената безбедност и суверенитет од својот најмоќен сојузник.