Католичките христијани денеска го слават Бадник, денот што му претходи на Божик, празникот на раѓањето на Исус Христос. Бадник традиционално се доживува како ден на духовна подготовка, мир, тишина во очекување на големиот христијански празник.
Иако Католичката црква не го смета Бадник за задолжителен ден на пост, кај верниците е вкоренета традицијата да се пости и најчесто да се консумира риба. Во домовите се вршат последните подготовки за Божик, се украсуваат елките и се создава празнична атмосфера исполнета со свеќи и молитва.
Вечерта, верниците присуствуваат на Бадниковата, односно полноќната миса, со која официјално започнува празнувањето на Божик. На мисата се пеат традиционални божиќни песни како „Радувајте се, нации“, „Тивка ноќ“ и други, а по завршувањето верниците меѓусебно си го честитаат Божик.
Името „Бадник“ се поврзува со зборот „бдеење“, што симболично потсетува на будноста и духовното исчекување на раѓањето на Спасителот. Според народната традиција, Бадник минува во мир, тишина и светлина од свеќи, како симбол на надежта и новиот почеток.
Традиционално, елките се украсуваат на Бадник, а се отстрануваат на празникот Богојавление, иако божиќниот период во Католичката црква трае до неделата по празникот Тројца кралеви.
Во Македонија, централната прослава по повод Бадник ќе се одржи во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата божикна литургија ќе ја предводи бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, монсињор Киро Стојанов.
Божик утре го слават и православните цркви кои го прифатија Грегоријанскиот календар, меѓу кои Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква. Православните цркви што се водат според Јулијанскиот календар, меѓу кои Руската, Српската и Македонската православна црква, како и Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.