Претседателот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, испрати порака до претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во која нагласува дека Пјонгјанг секогаш ќе стои покрај Москва, пренесува денес агенцијата KCNA.
Во пораката, испратена во вторник, Ким изразува искрена благодарност до Путин за срдечните честитки по повод неговото повторно преземање на функцијата претседател на државните работи на Демократската Народна Република Кореја (ДНРК).
„Денес ДНРК и Русија тесно соработуваат во одбрана на суверенитетот на двете земји и во промовирање на благосостојбата на двата народа преку силна меѓусебна поддршка и сојузничка помош“, се наведува во пораката на Ким до Путин.
Ким изразува уверување дека цврстите односи на доверба меѓу него и Путин несомнено ќе гарантираат „трајност на идната ефикасност“ меѓу ДНРК и Русија, и ќе ја промовираат развојната благосостојба на народите на двете земји.
„Пјонгјанг секогаш ќе биде покрај Москва. Тоа е нашиот избор и непоколеблива волја“, порача Ким.
Тој, исто така, упати искрени желби до Путин и братскиот руски народ, уште еднаш изразувајќи благодарност, наведува севернокорејската агенција.