Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната на Израел против Газа треба да заврши во следните две до три недели, пренесе „Ал Џазира“.
„Мислам дека во наредните 2–3 недели ќе има доста добар, конечен крај,“ изјави Трамп во понеделникот пред новинарите.
Изјавата доаѓа во момент кога расте меѓународниот револт поради масакрите врз цивили, убиствата на новинари и медицински лица, како и гладот предизвикан од израелската блокада на опколената и постојано бомбардирана палестинска територија.
Американскиот претседател претходно повеќепати најавуваше дека ќе стави крај на војната, но неговите зборови досега не резултираа со прекин на огнот или со олеснување на протокот на хуманитарна помош за населението во Газа.
Администрацијата на Трамп продолжува да ѝ обезбедува на Израел милијарди долари во оружје и се противи на меѓународните иницијативи за признавање на палестинска држава.
„Мора да заврши зашто помеѓу гладот и сите други проблеми – полошо од глад, смрт, од чиста смрт е тоа што луѓето се убиваат,“ додаде Трамп.
Во февруари тој предложи иселување на сите Палестинци од Газа – план кој би претставувал етничко чистење и злосторство против човештвото.
Истовремено, Трамп изгледаше како да не е запознаен со израелскиот напад врз болницата „Насер“ во кој загинаа 21 лице, меѓу кои и петмина новинари. На новинарско прашање за тој случај, одговори: „Не сум среќен за тоа. Не сакам да го видам тоа. Но мора да заврши целиот тој кошмар.“
Потоа додаде дека се залага за ослободување на преостанатите израелски заробеници во Газа.