Министерството за финансии соопшти дека одзело дозвола за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, откако вонреден надзор, спроведен по пријава од граѓанин, открил сериозни неправилности и непочитување на законските прописи.
Иако институцијата првично не го откри името на компанијата, порталот „Фактор“ објави дека станува збор за финансиското друштво за брзи кредити „Креди Јес“, зад кое стојат сопственици од Бугарија.
Од Министерството за финансии наведуваат дека биле утврдени „груби прекршувања на законските прописи“, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги.
„Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, стои во соопштението.
Според информациите, „Креди Јес“ веќе започнал со затворање на околу 40 филијали низ државата, а околу 120 вработени добиле известување дека работењето е прекинато.
Компанијата, како што се наведува, во иднина ќе може единствено да ги наплатува постојните побарувања.
„Креди Јес“ работи во Македонија од 2019 година. Според достапните финансиски податоци, минатата година компанијата остварила приходи од околу четири милиони евра и добивка од околу 1,15 милиони евра.
Од Министерството за финансии информираат дека од почетокот на годинава биле изречени 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдени неправилности.
Воедно, најавени се и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.
„Скопје1“ побара информации од „Кредити јес“ за неправилностите, но и затворањето. Доколку добиеме одговор, ќе го проследиме.