Во текот на ноември 2025 година, Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје спроведе вкупно 179 едукативни разговори со стопански субјекти и со граѓани кои биле затекнати при неправилно одлагање отпад. Патролерите ги информирале како правилно да го селектираат и одлагаат комуналниот отпад и отпадот од пакувања, во согласност со законските обврски и со цел подигање на јавната свест за заштита на животната средина и јавното здравје.
Паралелно со едукативните активности, екипите на претпријатието во истиот период подигнаа и транспортираа 1500 кубни метри непрописно одложен отпад – мешан комунален, кабаст и градежен. Интервенциите биле извршени речиси во сите скопски општини, како и на локациите познати како „црни точки“, каде што е забележано континуирано фрлање отпад на јавни и сообраќајни површини.
Од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје појаснуваат дека во наведениот извештај не се вклучени количините отпад собрани во рамки на масовната акција за чистење на градот, што се одвиваше од 6 до 9 ноември.