Уште една плажа во Хрватска одлучи да стави крај на практиката на резервирање места со оставање пешкири.
Туристичката заедница на Гребаштица соопшти дека од следната недела поморските редари ќе го засилат надзорот на плажите и ќе ги отстрануваат пешкирите, лежалките, чадорите за сонце и другите предмети што се оставени без надзор со цел да се зачува место покрај морето.
Известувањето е објавено на официјалната Фејсбук-страница на Туристичката заедница на Гребаштица, со повик до издавачите на сместување да ги информираат своите гости за новите правила.
„Потсетуваме дека не е дозволено оставање пешкири, лежалки, чадори за сонце и други лични предмети без надзор со цел резервирање место на плажа. Предметите оставени без надзор ќе бидат отстранети од поморските редари“, се наведува во соопштението.
Се додава дека целта на оваа мерка е да придонесе за поголем ред, безбедност и еднакво користење на плажите, со апел до сите посетители да ги почитуваат правилата.
Оставањето пешкири и чадори за сонце со часови пред доаѓањето на плажа во последните години стана честа практика на Јадранот, особено во екот на туристичката сезона. Ваквиот начин на „резервирање“ места често предизвикува незадоволство кај другите капачи, кои на плажата затекнуваат празни лежалки и пешкири оставени уште од раните утрински часови.
Поради тоа, сè повеќе хрватски туристички дестинации се одлучуваат да ѝ стават крај на оваа практика. Во некои места поморските редари веќе ги отстрануваат предметите оставени без надзор, истакнувајќи дека јавните плажи им припаѓаат на сите и дека никој нема право однапред да си присвојува место.