Од 14 јули започнува примената на новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, со кој за првпат се воведуваат јасни правила за организирање на giveaway игри. Организаторите ќе мора да обезбедат дозвола, да платат надоместок и јавно да ги објавуваат правилата и добитниците.
Според новите законски одредби, барањето за дозвола до Министерството за финансии ќе треба да се поднесе најдоцна 30 дена пред почетокот на играта, заедно со потребната документација што зависи од тоа дали организаторот е трговец-поединец или трговско друштво.
Законот предвидува и надоместок од 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд, кој мора да биде уплатен во рок од три дена по добивањето на дозволата. Во спротивно, дозволата ќе биде одземена.
Организаторите ќе имаат обврска однапред јавно да ги објават правилата на играта, а резултатите и добитниците да ги соопштат најдоцна три дена по извлекувањето. Наградите мора да бидат доделени во рок што не смее да надмине 60 дена од објавувањето на резултатите.
Правилата задолжително ќе содржат податоци за организаторот, условите за учество, времетраењето на играта, начинот на избор на добитниците, вредноста на наградите, постапката за приговор и забрана за учество на вработените кај организаторот и членовите на нивните потесни семејства.
Законот утврдува дека giveaway играта не смее да трае подолго од една година.
За првпат законски се дефинира и самиот поим „giveaway“, како игра на среќа во која учеството се остварува преку активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, а која ја организира трговско друштво или трговец-поединец за промоција на производи или услуги преку интернет, мобилни уреди или други електронски платформи.
Со новите правила, законодавецот има цел да обезбеди поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците при организирањето на ваков вид промотивни игри.