Секој четврти ученик во Македонија, односно 25 проценти од средношколците на возраст од 15 и 16 години, изјавил дека во изминатите 12 месеци се коцкал за пари, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институт за јавно здравје, изработен во рамки на Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги – ЕСПАД 2024.
Истражувањето, спроведено во 96 средни училишта со вкупно 2.831 ученик, укажува дека коцкањето со физичко присуство е почесто од онлајн коцкањето. Дури 21 процент од учениците пријавиле дека се коцкале во живо – на слот машини, игри со карти или коцки, лотарии и спортско обложување, додека 15 проценти навеле дека се коцкале онлајн.
Податоците откриваат изразена родова разлика. Коцкањето е значително почесто кај момчињата, од кои 34 проценти пријавиле дека се коцкале за пари во последната година, наспроти 16 проценти од девојчињата. Кај коцкањето во живо, 30 проценти од момчињата изјавиле дека биле вклучени во вакви активности, додека истото го потврдиле само 12 проценти од девојчињата. Слична е состојбата и кај онлајн коцкањето – 21 процент од момчињата и 9 проценти од девојчињата.
Особено загрижувачки, според извештајот, е растот на проблематичното коцкање. Процентот на ученици кои покажуваат знаци на проблематично коцкарско однесување се зголемил од 4,5 проценти во 2019 година на 7,6 проценти во 2024 година. Кај момчињата овој раст е уште поизразен – од 5,8 проценти во 2019 на 9,3 проценти во 2024 година, додека кај девојчињата пораснал од 2,3 на 4,1 процент.
Иако во периодот од 2015 до 2024 година вкупната преваленца на коцкање кај учениците бележи постепено намалување, од 31 процент во 2015 на 25 проценти во 2024 година, експертите предупредуваат дека зголемувањето на проблематичното коцкање претставува сериозен ризик за менталното здравје и благосостојбата на младите.
Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека овие податоци не се само статистика, туку јасен сигнал за потребата од засилени превентивни програми, поголема едукација и системски пристап за заштита на младите од ризиците поврзани со коцкањето, особено во услови на сè полесна достапност до онлајн платформи за обложување.