Кремљ оцени дека Европа се соочува со сериозни проблеми поради растот на цените на природниот гас, при што од Москва порачаа дека европските земји би можеле да набавуваат руски гас по поповолни услови.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека европските земји сами си создаваат дополнителни трошоци со набавката на гас по актуелните пазарни цени, наместо да ја разгледаат можноста за руски енергенси.
„Европа сама си нанесува штета“, порача Песков.
Цените на природниот гас во Европа, под влијание на зголемените тензии и војната во Иран, достигнаа највисоко ниво од крајот на 2022 година.
Европските земји значително ја намалија зависноста од рускиот гас по почетокот на војната во Украина во 2022 година, а испораките преку гасоводи во голема мера беа прекинати.
Од Кремљ сега повторно ја истакнуваат руската енергија како поевтина алтернатива во услови на зголемени цени на европскиот пазар.