Основниот кривичен суд Скопје го објави второто издание на својот електронски билтен, во кој презентира статистички податоци за работата на судот во вториот квартал од годинава, како и осврт на неколку пресуди што ги оценува како значајни за судската практика.
Според објавените податоци, бројот на старите предмети е намален за 53 проценти. На 30 јуни 2025 година во судот имало 873 стари предмети, додека една година подоцна нивниот број изнесува 410, што претставува намалување за 463 предмети.
Во билтенот е наведено и дека во вториот квартал е зголемена активноста во предметите од областа на организираниот криминал и корупцијата. Поднесени се 46 предлози за притвор, издадени се 110 наредби за претрес, доставени се 20 предлог-спогодби, а определени се 51 мерка за обезбедување имот.
Посебен дел од билтенот е посветен на судската практика, каде судот издвојува неколку предмети за кои смета дека имаат значење за правната сигурност и идното постапување.
Меѓу нив е пресуда со која судот утврдил дека долгогодишно семејно насилство, доколку доведе до психичка состојба што директно резултира со самоубиство на жртвата, може да претставува основ за кривична одговорност за наведување и помагање во самоубиство.
Во билтенот е издвоена и првата домашна пресуда за кривичното дело „перење пари“ без претходно да постои обвинение или пресуда за т.н. предикативно кривично дело. Судот наведува дека е доволно врз основа на систем од меѓусебно поврзани докази да се утврди дека средствата немаат законско потекло.
Објавена е и пресуда со која незаконско посвојување на новороденче било квалификувано како трговија со дете, при што судот нагласува дека секое предавање или преземање дете надвор од законската постапка може да претставува кривично дело, без оглед дали постои паричен надомест.
Значајно место во билтенот има и првата правосилна пресуда во која како доказ е прифатена комуникација од енкриптираната платформа SKY ECC. Судот оценил дека ваквите електронски докази се законски прибавени кога се обезбедени преку меѓународна правна помош и нивната автентичност е потврдена со други независни докази. Воедно е наведено дека правото на приватност не е апсолутно кога станува збор за истраги за организиран криминал и тешки кривични дела.
Билтенот содржи и анализи за примената на пробациските мерки, користењето гаранција како замена за притвор, како и интервју со директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски, која оценува дека довербата во правосудството зависи од стручноста, независноста и континуираното усовршување на судиите.