Потпретседателката на Социјалдемократска младина на Македонија, Стефанија Кузмановска, на денешната прес-конференција обвини дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ со измените на Законот за студентски стандард им ја намалува поддршката на студентите и младите.
Според Кузмановска, наместо да ги поддржи студентите, власта се обидува да го минимизира нивното незадоволство преку, како што рече, бирократски оправдувања за „подобра прераспределба“ на стипендиите.
Од СДММ тврдат дека со законските измени се намалува бројот на стипендии за социјално ранливите категории студенти, при што нивното учество од вкупниот број стипендии ќе се намали од 49 на 40 проценти.
Во прес-конференцијата беа упатени критики и за условите за студентско сместување и исхрана, при што Кузмановска оцени дека власта создава „двокласен систем“ во високото образование.
Таа посочи дека реакциите на студентите и писмото упатено до министерката за образование Весна Јаневска се оправдани, обвинувајќи ја дека нема слух за проблемите на младите.
Од СДММ порачаа дека ќе продолжат да се борат за подобар студентски стандард, еднакви услови и поголема поддршка за младите, додавајќи дека се приклучуваат на, како што наведоа, „Фронтот за вистина и правда“ и дека младите сакаат членство во Европската Унија.