Новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров се ослободени од обвинението за ширење расистички и ксенофобичен материјал, одлучи судијката Дијана Груевска-Илиевска во Кривичниот суд.
Во предметот, Латас беше обвинет дека преку изјава евоцирал спомени од минатото со кои, според обвинението, се промовирал чин на полово насилство, додека Лазаров се товареше дека, иако бил свесен за влијанието на содржината, не спречил нејзино објавување.
Од Основното јавно обвинителство соопштија дека ќе поднесат жалба до Апелацискиот суд бидејќи не се согласуваат со донесената пресуда.
„Вложена е жалба затоа што пресудата е ослободителна и надлежниот обвинител не се согласува со така утврдената фактичка состојба“, информираат од Обвинителството.
Ова е второ судење за Латас и Лазаров. Во првичната постапка, Кривичниот суд им изрече условни казни, но Апелацискиот суд ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.
Во повторената постапка, судијката Груевска-Илиевска, постапувајќи по насоките од повисокиот суд, утврди дека нема вина кај обвинетите.
Лазаров и претходно во јавноста изјавуваше дека не се чувствува виновен и дека не смета оти со својата реакција промовирал полово насилство, додека и Латас негираше одговорност за делото за кое беше обвинет.
Спорниот поткаст беше отстранет од Јутуб, односно беше недостапен за публиката по покренување на истрагата за овој случај и бурните реакции во јавноста од страна на невладини организации и дел од граѓаните.