Новинарот Драган Павловиќ-Латас му одговори на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако тој го спомена Латас зборувајќи за медиуми кои, според него, работат во полза на ВМРО-ДПМНЕ.
Латас во реакцијата се осврна на набавката на хеликоптери за Армијата и на вчерашните изјави на Филипче за поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска.
„Богами, во СДСМ имало корупција многу повеќе од што сме знаеле. Само од купување хеликоптери фалат 35 милиони евра. Славјанка потпишала, но... Кој пред неа преговарал и го договорил тој ‘бомбона’ бизнис?“, напиша Латас.
Станува збор за тврдење на Латас. Набавката на осум хеликоптери „Леонардо“ беше договорена во периодот кога Петровска беше министерка за одбрана. Актуелниот министер Владо Мисајловски претходно изнесуваше забелешки за постапката и најави проверки, додека Петровска тврдеше дека договорот и документите се правно валидни и дека постапката била спроведена согласно процедурите.
Латас се осврна и на вчерашната изјава на Филипче кон поранешните и актуелни функционери на СДСМ од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“.
„А шлеперот што ја гази жабата е порака од Црвенковски до ВМРО од 1998 пред избори. И тие избори СДСМ ги загуби“, напиша Латас.
Филипче вчера им порача на претставниците на Платформата дека доколку сакаат да помогнат, можат да се вклучат во партиските активности за изборите во Брвеница.
„Ако не, нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги згазам како шлепер жаба, да ги потсетам на нешто од нивното време“, рече Филипче.
Фразата се поврзува со поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски и предизборниот период во 1998 година. На парламентарните избори таа година СДСМ ја загуби власта, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места.
Латас во својата реакција побара и постапување од Обвинителството во врска со изнесените тврдења за набавката на хеликоптери.
„Ова е пар екселанс изјава за истрага од Обвинителство по допрен глас“, напиша Латас.