Екс-обвинителката од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Лејла Кадриу, во најновото издание на Вечерното шоу со Богдан Илиевски, изнесе сериозни обвинувања за начинот на функционирање на институцијата, наведувајќи директни политички влијанија, финансиски злоупотреби и незаконско постапување во периодот кога СЈО било активно.
Кадриу изјави дека го напуштила СЈО по само два до три месеци од ангажманот, откако главната обвинителка Катица Јанева ѝ соопштила дека „не е тимски кадар“. Како причина за разидувањето, таа наведува дека одбила да работи на предмети засновани на прислушувани разговори за кои, според неа, немало формален прием и попис доставен до СЈО, што го доведувало во прашање нивниот легалитет.
Во делот што се однесува на финансиското работење, Кадриу тврди дека Јанева пред колегите изјавувала: „Јас сум сега жена од милион долари“, алудирајќи на „вишок“ од околу еден милион евра во буџетот на СЈО, при што се барал начин средствата да се потрошат или распределат, за да не се вратат во државниот буџет. Таа додаде дека во тој период СЈО немало овластен финансиски експерт, а со финансиските прашања се занимавала заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска, која „се разбира во финансии бидејќи мајка ѝ ја учела“.
Кадриу тврди дека била сведок на директни политички интервенции, при што високи функционери на СДСМ – меѓу кои Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Зоран Заев – лично доаѓале во просториите на СЈО и одржувале средби со обвинители, давајќи насоки кој обвинител на кој предмет треба да работи.
„Министерот Оливер Спасовски испрати советник со конкретни налози како да се постапува по одредени предмети, што јас го одбив и го избришав советникот од канцеларијата“, рече Кадриу.
Според нејзиното тврдење, фактичкото водење на СЈО било во рацете на Гаврил Бубевски, додека Катица Јанева била избрана поради амбиции за јавна популарност, а не поради обвинителски капацитет и искуство.
По овие настани, Јанева ѝ соопштила дека треба да ја напушти канцеларијата и дека повеќе не е дел од тимот, иако, според Кадриу, изборот и разрешувањето на обвинител во СЈО е надлежност на Советот на јавни обвинители, а не на главниот обвинител.