Обвинителката Елизабета Јосифоска тврди дека во телевизиското гостување на адвокатката Лејла Кадриу биле изнесени невистини и клевети за нејзината работа во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа во писмена реакција наведува дека изнесените ставови на Кадриу се, како што вели, неточни и штетни за нејзиниот професионален углед и за институцијата, најавувајќи можност за тужба за клевета доколку не добие јавно извинување.
„Адвокатката Лејла Кадриу во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“ емитувана на 06.02.2026 година на ТВ Алфа изнесе низа невистини, лаги и клевети во однос на моето постапување како јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство, во однос на постапувањето на другите јавни обвинители во тоа обвинителство и во однос на работењето на целото Специјално јавно обвинителство.
Сметам дека овие лажни и клеветнички изнесувања се направени со цел да се наруши мојата чест и професионален углед, но и да се дискредитира работењето на целата институција Специјално јавно обвинителство.
Се што адвокатката Кадриу изнесе во однос на наводното трошење на 1 милион евра за 2,5 месеци во 2015 година е лага и клевета. Податокот колку пари се потрошени во овој период е содржан во првиот Извештај за работењето на СЈО, кој е јавно објавен на 15.03.2016 година и доставен до Собранието на РМ и до Советот на јавните обвинители. Ноторен факт е дека се потрошени 13.542.671,00 денари, а непотрошените парични средства во износ од 49.877.757,00 денари на 31.12.2015 се вратени во Буџетот на РМ. Податокот за потрошените парични средства е содржан и во завршната сметка на СЈО за 2015 година доставена до надлежните институции.
Кадриу изнесе низа клевети и очигледни лаги и во однос на постапувањето по предметот познат во јавноста под името „Пуч“. Дека се што кажа е лага и невистина во однос на овој предмет е очигледно од фактот што предметот со сите докази е предаден од страна на Основен кривичен суд Скопје на СЈО кон крајот на јуни 2016 година. Во тоа време Лејла Кадриу веќе не беше јавен обвинител во СЈО, па се поставува прашањето како воопшто можела да го види предметот „во некое ќуше, неотворен и спакуван во прозирни фолии“.
Лејла Кадриу, не се задржа само на ова, туку со цел да се дискретитираат сите предмети на Специјалното јавно обвинителство, изнесе лаги и невистини и во однос на приемот на материјалите од незаконски прислушуваните материјали од политичката партија СДСМ и понатамошното постапување со нив во СЈО.
Јас не присуствував на самиот прием на материјалите на 30.12.2015 година, но начинот на нивното чување и понатамошно постапување е опишан во веќе спомнатиот прв извештај на СЈО. Имено, извршен е детален попис на сите примени материјали од страна на комисија во која и јас бев член, а записникот од извршениот попис е предаден во судот како доказ во еден од предметите на СЈО.
Поради изнесените лаги и клевети, денес упатив писмено барање за извинување до адвокатката Лејла Кадриу. Доколку не добијам извинување, во законскиот рок ќе поднесам тужба за клевета до надлежниот суд“, вели обвинителката Елизабета Јосифоска.